Поволности и за работодавачите и за невработените - голем интерес на компаниите за „Македонија вработува“

За околу три дена се очекува да стартува проектот „Македонија вработува“. Законските измени се донесени, остануваат уште некои технички формалности и припреми во Агенцијата за вработување и останатите институции. Уште на самиот старт, интересот за овој проект е огромен, потврдуваат од Агенцијата за вработување. Имено, дневно околу 30-тина компании бараат информации за поволностите кои ги нуди владата преку проектот „Македонија вработува“, пишува Лидер.

Компаниите преку овој проект ќе можат да вработат лица од различни категории, за кои нема да плаќаат придонеси во период од 3 до 5 години. Проектот им овозможува големи финансиски бенефити. Заштедите за нив според пресметките ќе изнесуваат од 2 до 10 илјади евра.

-Компаниите веќе знаат дека трошоците ќе им бидат значително помали со вработување на овие лица, зависно каква категорија на лица ќе вработат, изјави Слободанка Алексовска, од Агенцијата за вработување во Скопје.

Се очекува само преку проектот „Македонија вработува“ да бидат опфатени 150.000 лица, додека директно вработување да има за околу 20.000.

-Ако со мерките за вработување млади лица работа најдоа 8 илјади лица, сега сме пред нов предизвик. Со проектот „Македонија вработува“ е предвидено отворање нови 20 илјади работни места, што ќе значи приходи и сигурност за уште толку семејства, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Повеќе поволности

Проектот нуди повеќе поволности и за работодавачите и за невработените лица. Работодавачите кои ќе вработат млади лица до 35 години ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од три години. За работодавачите, пак кои ќе вработат лица на возраст од 35 до 50 години, а кои биле 10 години без работа, ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси пет години со обврска уште една година да го задржат работникот.

Оние, пак, кои ќе вработат лица над 50 години ќе бидат ослободени од персонален данок и социјални придонеси пет години без обврска после тоа да ги задржат вработените. Оваа мерка ќе се однесува и за оние кои ќе вработат лица над 58 години. Тие фирми ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси, односно до пензионирањето на тој работник.

Работодавачите, пак, кои ќе вработат лица од ранливите категории како што се самохраните родители, лицата од еднородителските семејства, оние со три или повеќе деца, ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од пет години без обврска да ги задржат вработените.

Последната група која ќе биде опфатена со овие мерки се ранливата категорија на граѓани – самохрани родители и еднородителски семејства, семејства со три или повеќе деца, приматели на социјална помош, професионални војници кои веќе не работат, деца без родители и родителска грижа, лица со инвалидитет и родители на деца со посебни потреби. За оваа категорија на граѓани се предвидува ослободување од плаќање придонеси во период од 5 години, без никаква обврска за работодавачот потоа.

Намалени трошоци за компаниите

Пресметките говорат дека проектот „Македонија вработува“ може да им заштеди и до 10.000 евра годишно на работодавачите, кои пак оваа заштеда ќе можат да ја реинвестираат во унапредување на сопствениот бизнис, а со тоа ќе се зголеми и нивната конкурентност.

-Ќе им се овозможи оптимизирање на персоналните трошоци и ќе бидат поконкурентни на пазарот. Од друга страна, на вработените ќе им овозможи одржливо вработување, смета Анета Петровска- Русомарски, од Организација на работодавачи.

-Сметаме дека ова е исклучителна можност за компаниите да ги прошират своите човечки капацитети, апсурдот кој што го имаме во државата покрај голема невработеност да немаме доволно стручни кадри, оваа можност да се искористи во таа насока- да се квалификуваат луѓе кои што ќе можат да придонесат во компаниите. Веќе атмосферата кај голем дел од компаниите и менаџерите се коментираат позитивно овие мерки, вели потпреседателот на Сојузот на стопански комори, Сеад Кочан.

Како резултат на сите активни мерки од 2007 година до сега, вработени се вкупно 36.500 лица. Само за оваа, 2015 се очекува да бидат вработени уште 8.200, со што стапката на невработеност дополнително ќе се намали.

 

 

Оцени ја веста

24.04.2015 - 09:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега