ФОТО: Поставени нови подземни контејнери во Драчево
Подземните контејнери за одлагање комунален отпад, денеска доби и улицата Димитрие Чуповски во населбата Драчево. Ова е дел од втората фаза на проектот за поставување Систем за подземни контејнери.
На пуштањето на подземните контејнери присуствуваа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена" Ракип Дочи.
- Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон, за што ќе се употребуваат три од постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, коишто се специјално надградени за оваа намена. Системот за собирање на комуналниот отпад во подземни контејнери е исклучително софистициран и успешен и веќе подолг период се применува во светски рамки, со одлични ефекти во заштитата и зачувувањето на здравјето на граѓаните и природната околина. За реализација на овој значаен проект се издвоени вкупно 6,6 милиони денари, од кои секоја од трите вклучени страни издвојува по 2,2 милиони денари, односно подеднакво инвестираат Градот Скопје, општината Кисела Вода и ЈП „Комунална хигиена“, истакна градоначалникот Трајановски.
Градоналникот Беличанец-Алексиќ изјави дека ова е трета локација на територијата на општина Кисела Вода каде што се поставуваат вакви подземни контејнери, каде што претходно се поставени пред ОУ „Круме Кепески“ и на улицата „Михаил Чаков", кај ОУ „Невена Георгиева Дуња“, како и дека општината веќе работи на лоцирање на микро локации за поставување нови подземни контејнери.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Дочи потенцираше дека во првата фаза од проектот за поставување Систем за подземни контејнери во општина Центар се поставени 14 платформи со по 3 подземни контејнери, а во општина Чаир се поставени 2 платформи со по два контејнера, за што беа потрошени вкупно 33,2 милиони денари.
Во рамките на втората фаза од овој проект ќе бидат поставени подземни контејнери на девет микро-локации, односно по три контејнери на три-микролокации во општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба.
Подземните контејнери имаат зафатнина од 3 кубни метри, во нив отпадот се складира на пониска температура, притоа не зафаќајќи слободна површина над земјата. На тој начин се намалува и непријатната миризба што се шири од отпадот, како и можноста за негово разнесување во околината.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа