До среда ќе се укине таксата за македонските камиони на Косово

 

Според министерот за економија Ваљон Сарачини до среда да биде надминат проблемот со плаќање такса од 100 евра од камион за влез во Косово што го имаат македонските транспортери.

- Главниот проблем  е во Договорот за регулирање на патниот сообраќај, поточно членот 6 со кој се регулира делот на транспорт во трети земји. Има постојана комуникација меѓу двајцата министри за транспрот и врски. Очекувам тие до среда да го регулираат ова прашање и нашите превозници во Косово да нема да имаат потреба да плаќаат такса од 100 евра со што ќе се задржат добрите економски односи меѓу двети земји, истакна Сарачини одговарајќи на прашање по потпишувањето Договор за туризам со заменик претседателот на косовската Влада и министер за трговија и индустрија Мимоза Кусари-Лила.

За Сарачини, неопходно е двата министри да имаат слух за надминување на проблемот.

- Мислам дека веќе имаат закажано средба за да го решат ова прашање или, пак, во овие два дена преку телефон ќе се договорат за да може до среда да се реши проблемот, посочи Сарачини.

Вицепремиерката Кусари-Лила рече дека одредбата што ја спроведува Министерството за инфраструктура е за заштита на косовските интереси.

- Од пред две години од косовска страна иницирано е потпишување на договор за соработка во областа на транспортот меѓу двете земји. Не знаеме зошто има двоумење и се уште не се потпишува од македонска страна. Се надеваме дека ќе се надминат проблемите со оваа такса со договорот кој треба да се потпише до среда, рече Кусари-Лила. 

ФОТО: МИА

најчитано сега