Заев свесно објави државна тајна отворајќи простор за дестабилизација

Зоран Заев свесно и несовесно продолжува да го нарушува угледот на Република Македонија, рушејќи го имиџот и оперативноста на македонската тајна служба и институциите, што би влијаело на нејзината безбедност.

Експерти, но и целата македонска јавност веќе нема сомневања дека лидерот на СДСМ одработува туѓо сценарио, спроведувајќи ја агендата на странските центри. Знаејќи дека ја нема посакуваната поддршка, Заев е подготвен на сè, вклучително и на дестабилизација во земјава, со единствена цел уништување на имиџот, функционалноста и оперативноста на институциите за на тој начин да се влијае на ослабнување на безбедносно-одбранбениот систем на Република Македонија, како и да се отвори простор за дејство на криминални и радикални групи.

Весникот „Дневник“ прашува дали со објавувањето детали од набавката на опрема за специјалните сили на Министерството за внатрешни работи лидерот на СДСМ Заев не го почна зацртаното од октомври кога првпат ги спомена бомбите со кои ќе го симне Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ од власт – дека не само што Груевски ќе си даде оставка туку дека и информациите што тој ќе ги презентира ќе го нарушат и угледот на државата, а може да имаат последици и врз нејзината безбедност?

-Самото објавување на странскиот посредник – вработен во Министерството за одбрана на една од најчувствителните во овој сектор држави – Израел, во делот набавка на безбедносна опрема, кои по дефиниција се тајни, е нарушување и на внатрешната безбедност, работа против интересите на државата, но и загрозување на односите на државата со еден од нејзините најстратешки партнери Идентитетот на Израелецот не само што не беше заштитен од телефонските разговори кои завчера беа пуштени на прес-конфернецијата на „Павел Шатев“, дури и самиот Заев свесно отиде еден чекор потаму објавувајќи детали за него. Додека на една страна во РМ се внимава да не се објави никаков детал, дури ни за припадник на единицата „Алфа“, кој гони возач кој минал на црвено светло, на друга се објавува слика, име презиме и други поединости на човек чија безбедност по ова може да биде загрозена, пишува весникот.

Со ова се согласни и аналитичарите според кои објавување на државна тајна е нарушување на државната безбедност.

-Кога слушаме јавно како се објавува строга тајна за набавка на крајно чувствителна техничка опрема за потребите на МВР, тоа секако дека е нарушување на безбедноста на држава. Тоа секако дека не е во полза на Република Македонија и не се согласувам дека со тоа не е загрозена безбедноста на Македонија, изјави вчера аналитичарот Александар Пандов во Дневник плус на Канал 5.

Универзитетскиот професор Ненад Танески смета дека опозицијата има своја зацртана агенда за чие исполнување најави дека нема да вмешува приватни разговори, а вмеша, дека нема да ги обелоденува разговорите кои се приватни или полуприватни, а ги обелодени.

-По вчерашната бомба не се работи веќе за човечки судбини, меѓуетнички односи, партиски расправии и слично што е наш внатрешен проблем, туку за нешто многу посуштествено. Граѓаните веројатно се фокусираат на суми и на имиња од домашната политичка сцена без притоа да сфатат колкава огромна штета се прави на односите меѓу Македонија и Израел, но и на Изрел како држава. Дипломатскиот кор ,кој исто така слуша и преслушува се што и се презентира на јавноста, повеќе се концентрира на односите кои ние ги имаме со Израел колку и до каде се развиени, кој е интересот на Изрел во Македонија итн. Тука се отвара прашање кое веќе не се однесува на нашава локална политика, туку откривање на информации врзани со разузнавање, безбедносна политика, сфери на интерес, кои се од пошироко регионално, па и глобално значење. Се вмешуваат имиња на израелски државјани кои можеби се и официјални претставници на Израел за соработката со Македонија. Значи веќе имате обелоденување на информации кои навистина би требало да се државна тајна. Кога на разузнавач му давате име оттука се е полесно. Сега доколку постои надворешен интерес да се ослабе соработката на Македонија со Израел, само од името што јавно се обелоденува непријателите на Македонија добиле многу, да не зборуваме колку многу, име е понудено на тацна од целиот разговор, ако воопшто содржината е целосно точна, вели Танески.

Поранешниот помошник-директор во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, проф.д-р. Златко Кесковски смета дека е недолично издавање на идентитет на лице кое работи во безбедносен систем на друга држава, а особено на Израел.

-Недолично и несериозно е издавање на идентитет на лице кое работи во безбедносен систем на друга држава, а особено на Израел. Откривањето на идентитетот е последното нешто што треба да го направите. Разнишана е соработката на македонските безбедносни служби и безбедносни служби на Израел. Сето тоа повлекува и одредена дистанца на други служби кои сакаат да соработуваат со македонската. Било какви политички дејствија се контра продуктивни и на штета на Република Македонија, рече Кесковски.

По објавувањето на ваквите информации, се покажа дека лидерот на СДСМ истите не ги добил со прислушување, што пак покажува дека Заев добива нарачки и информации од странски служби кои му помагаат и во обезбедувањето на телефонските разговори кои се пакувани, сечени и фабрикувани според интересите на странските служби со кои тој соработува.

Дека зад сценариото на Заев стојат странски служби пред извесен период говореа и едни од најреномираните експери од регионотна оваа тема.

Обвинувањата кои Заев ги искажува се само параван кој треба да ја затскрие основната цел на неговите налогодавачи, односно нарушување на пријателските односи меѓу македонските и израелските безбедносни институции и ослабнување на домашните служби.

Македонија е една од ретките земји во светот која има договор за стратешко партнерство со Израел, за кое неколку пати досега јавно беше кажано дека оваа земја и нејзините служби помагаат во подигнувањето на нивото на подготвеност на македонската одбрана и полиција.

Според меѓународните стандарди, пишува Дневник,  информаците поврзани со набака на оружје, опрема, па дури и за обуки на безбедносните сили на државите или меѓународните организации се сметаат за државна тајна. На посебна заштита на идентитетот подлежат вработените во службите за безбедност и контраразузнавање поради тоа што располагаат со одредени чувствителни информации токму од областа на безбедноста на државата на која и служат.

Покрај тоа што удри по државната безбедност, Заев прекрши и низа закони. Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека работат на подотвување на нова кривична пријава против Заев поради сторено кривично дело „Оддавање државна тајна“ за кое законот предвидува затворска казна од една до десет години.

Ставот 1 од членот 317 предвидува „ Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од една до десет години. Ставот 2 предвидува дека „Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе му соопшти, предаде или стори достапни податоци или документи за кои знае дека се државна тајна, а до кои дошол на противправен начин, ќе се казни со затвор од една до пет години“. Доколку пак сторителот бил предмет на манипулација и делото го сторил од небрежност, согласно законот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Исто така е кристално јасен и Законот за класифицирани информации кој во член 8 вели „Класифицираната информација со степен “ДРЖАВНА ТАЈНА” е информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија“, соопштија вчера од МВР.

Отворајќи простор за дестабилизација на Македонија и радикални и криминални сценарија, Заев го допре дното покажувајќи дека е подготвен на сè против Македонија, но служејќи како марионета во рацете на туѓи, странски центри кои немаат допирни точки со интересите на граѓаните на Македонија.

 

 

Оцени ја веста

03.04.2015 - 15:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега