Груевски - Лукшиќ: Одлични билатерални односи меѓу Македонија и Црна Гора
Македонија и Црна Гора имаат одлични билатерални односи кои се развиваат во духот на пријателството и меѓусебното почитување, заклучиле на средба премиерот Никола Груевски и потпретседателот и министер за надворешни работи и евроинтеграции на Владата на Црна Гора, Игор Лукшиќ, кој денеска е во посета на Македонија.
- Беше истакната заедничката заложба и посветеност за континуирано продлабочување на економската соработка и трговската размена и на стимулирање на соработка помеѓу бизнис-заедниците од двете земји. Двете страни разменија мислења за реформите кои се спроведуваат во двете земји, кои се насочени кон унапредување на можностите во секоја општествена сфера и достигнување на европските стандарди, соопшти секторот на Владата за односи со јавноста.
Соговорниците ја изразиле определбата на двете земји за интеграција во европската и евроатлантската заедница, како основи за обезбедување напредок на целиот регион.
- Беше поздравен потпишаниот договор со кој се уредува користењето заеднички простории за сместување на дипломатските мисии на двете земји во Париз, а се разгледуваа и можностите за ваков вид на решенија за сместување на дипломатско-конзуларните претставништва на двете земји во други држави. Двете страни разговараа и за опциите за унапредување на соработката во областа на туризмот и за можностите за воспоставување на авионска линија Скопје - Подгорица, соопшти владината прес-служба.
Груевски и Лукшиќ разговарале и за регионалните проекти од областа на инфраструктурата кои се предмет и на берлинската иницијатива.
Соговорниците искажале подготвеност и ги истакнале позитивните придобивки за двете страни од одржувањето заедничка владина седница, која веројатно ќе биде реализирана во текот на оваа година.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа