САД и Британија хакирале сим-картички, шпионирале милијарди разговори
Американската Национална агенција за безбедност (НСА) и сродниот британски Владин штаб за комуникации украле огромно количество клучеви за разбивање на кодовите на СИМ-картичките, што им овозможило дискретно да ги пресретнуваат комуникациите на корисниците на тие картички, пренесува американската страница „Интерсепт“. Kомпанијата која наводно е погодена од најновиот скандал, „Гемалто“, вели дека многу сериозно ги разгледува наводите.
„Интерсепт“ пишува дека информациите што ги објавија се од поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден. Страницата додава дека големата „Kражба на СИМ-картички“ овозможила британските и американските агенции за набљудување да имаат потенцијал тајно да следат голем дел од светската комуникација преку мобилен телефон, вклучувајќи ги и гласот и податоците. Сајтот додава дека меѓу клиентите на компанијата чие главно седиште е во Холандија се „АТиT“, „Т-мобиле“, „Верајзон“, „Спринт“ и околу 450 провајдери на безжична мрежа ширум светот. „Гемалто“ годишно произведува две милијарди СИМ-картички. Таа е распространета во 85 земји и има повеќе од 40 капацитети.
„Интерсепт“ тврди дека хакирањето организирано од британскиот Штаб и американска НСА се одвивало во 2010 година. Ниту една агенција не излезе со коментар за наводите, пишува Би-би-си. Украдената енкрипција им дозволила на агенциите да ги декодираат информациите кои минуваат меѓу мобилните телефони и телекомуникациските кули.
Од „Гемалто“ за Ројтерс истакнуваат дека ако овие напади се потврдат и истите навистина дозволиле приод до повеќе комуникации, тоа би било од голема штета за компанијата.
- Ние многу сериозно ја земаме објавата и ќе ги посветиме сите потребни ресурси целосно да го истражиме и разбереме обемот на толку високософистицирани техники за обид за поседување податоци од СИМ-картички – истакнува неименувана портпаролка на компанијата која прави паметни чипови за мобилни телефони, банкарски картички и биометриски пасоши.
Би-би-си пишува дека откритијата се голем срам за агенциите бидејќи оставаат впечаток дека тие ќе направат се што е потребно за подобрување на нивните набљудувачки сили, дури и тоа да значи кражба на податоци од покорни западни компании.
Експертите велат дека со следењето на СИМ-картичките, британските и американските разузнавачи ги прекршиле меѓународните закони. Марк Рамолд од Фондацијата за електронски граници (ЕФФ) истакнува дека нема сомнеж дека агенциите го прекршиле холандскиот закон и најверојатно ги прекршиле законите во многу други земји кога ги користеле хакираните клучеви.
-Тие го имаат функционалниот еквивалент на нашите куќни клучеви – истакнува тој.
Не се знае точниот број на украдените клучеви од СИМ-картичките, но познато е дека НСА веќе во 2009 година била во состојба да обработи меѓу 12 и 22 милиони клучеви во секунда, кои подоцна би можела да ги употреби по потреба за прислушување на разговорите или пресретнување на имејлови. „Интерсепт“ пишува дека агенцијата предвидувала оти во иднина би била способна да процесира повеќе од 50 милиони во секунда.
Степенот на хакирањето и меѓународниот досег најверојатно повторно ќе ги отворат раните во дипломатската заедница, пишува британски „Гардијан“. Администрацијата на Обама се соочи со големи критики од Германија, Бразил и други нации по откритија на Сноуден за големата шпионажа, чија цел беше дури и германската канцеларка Ангела Меркел.
Пол Беверли, извршен потпретседател на „Гемалто“ за „Интерсепт“ вели дека компанијата била целосно несвесна за целиот процес и дека НСА и британскиот штаб никогаш не побарале пристап до клучевите.
-Најважното нешто за мене е да разберам како било направено ова, за да можеме да ја преземеме секоја мерка за да се осигуриме дека нема да се повтори – истакнува Беверли.
Тој додава дека откако биле контактирани од „Интерсепт“, внатрешниот тим за безбедност во средата започнале да истражуваат како можело да се влезе во нивниот систем и не успеале да најдат трага.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа