Експерт на ОН ќе ја оценува слободата на изразување во Македонија
Специјалниот известувач на ОН за унапредување и заштита на правото на слобода на изразување Франк Ла Ру од денеска до 21 јуни ќе престојува во работна посета на Македонија. За време на посетата, Ла Ру ќе изврши проценка на ситуацијата со слободата на мислење и изразување во земјата, информираат од Канцеларијата на комесарот за човекови права на Светската организација.
- Имам намера да ги проучам важните предизвици во однос на слободата на изразување во земјата, како и иницијативите кои треба да обезбедат заштита на ова фундаментално право. Меѓу другото, ќе ги разгледам мерките преземени со цел гаранција на независноста на медиумите, безбедноста на новинарите, како и напорите за превенција на говорот на омраза, изјави Ла Ру.
Посетата на Ла Ру е на покана од Владата на Република Македонија. За време на престојот во Македонија тој ќе има средби со претставници на власта вклучувајќи претставници на законодавната и на судската власт. Експертот на ОН ќе има разговори и со невладини организации, новинари, како и новинарски здруженија.
Специјалниот известувач Ла Ру ќе подготви извештај за главните согледувања од неговата посета и ќе изготви препораки во однос на промоцијата на правото на слобода на изразување во Македонија. Извештајот ќе биде презентиран и пред Советот за човекови права во јуни 2014 година. Предвидено е Ла Ру неговите прелиминарни согледувања да ги соопшти и на прес-конференција на последниот ден од неговата посета во Скопје.