Болест од мушичка ги напаѓа дечињата - во Македонија регистрирани 16 заболени лица

 

- Бо Македонија расте бројот на заболени од лајшманиоза - заразна болест која ја пренесува песочна мушичка. Според информациите на Дневник од Институтот за јавно здравје, досега во земјава се пријавени 16 заболени, а децата од пет до 10 години се најмногу на удар. Лајшманиозата предизвиа паника и во Бугарија, откако 6 годишно момче и неколку возрасни лица заболеа од поопасна форма на болеста- кала-азар или висцерална лајшманиоза. 

Лани во Македонија имало 13 случаи на заболени од лајшманиоза, додека пак, во 2011 година имало само 2 случаи. Оваа година, од јануари до јуни, со оваа болест се заразиле вкупно 16 лица во Скопје, Прилеп, Битола, Куманово.

- Болеста најчесто се јавува во летните месеци, а резервоар се дивите животни и кучиња, ретко домашните животни и човекот. Предизвикувач е паразит, а заразата се пренесува со убод од песочна мушичка (флеботомус). Kај нас се зголемува бројот на заболени кај децата од пет до 10- годишна возраст. Болеста се јавува во две форми - кожна - кога се јавуваат јазли, како гнојни чирчиња на кожата, а може да биде зафатена и слузницата на устата, грлото и носот. Промените на кожата најчесто спонтано исчезнуваат, но некогаш може да останат и грди лузни, вели д-р Жарко Kараџоски, епидемиолог во Институтот за Дневник. 

Докторот објаснува дека болеста може да се јави и како висцерална лајшманиоза и да ги нападне и внатрешните органи - црниот дроб, слезината и тогаш е многу поопасна и може да заврши со смрт. 

Дијагнозата се поставува со тестови на крвта, терапијата е антибиотска а чиревите на кожата се мачкаат со раствор на антимон. 

- Инкубацијата трае од 10 до 30 дена, а најчесто се јавува како кожна лајшманиоза. И кај ова заболување многу е важно граѓаните да ги спроведуваат мерките за заштита од комарци и други инсекти, бидејќи се пренесува преку убод на песочна мушичка. Мора да се постават мрежи на прозорците и на вратите, но и да се стават мрежи на креветот, ако се преспива во просторија која нема заштитени прозорци. Да се носат блузи со долги ракави и панталони со долги ногавици кога се престојува надвор. Со средства против комарци да се мачка 30 минути пред излегување. Исто така, треба да се празнат кофи и буриња со застоена вода, дури и подлога на саксии и вазни со цвеќе, кои треба добро да се измијат, зашто ларвите од комарците може да останат на рабовите, вели Kараџоски за Дневник.

најчитано сега