УКИМ и Студентски пленум задоволни од денешната средба

 

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и претседател на Интеруниверзитетската конференција Велимир Стојковски е задоволен од договорот за одложување на примената на последните измени на Законот за високото образование, кој денеска беше постигнат на средба во Владата. 

По завршувањето на средбата, тој изјави дека е задоволен зашто биле сослушани и разбрани и бил прифатен предлогот дискутабилните одредби од законот да се стават во мирување за една, односно за две години. 

- Одредбите за државен испит, одредбите за избори во звања, одредбите за нови наставни програми, одредбите за имплементација на новиот систем од 300 на 360 кредити. Главно се она, со мали исклучоци, за коишто се водеа бурни расправи и имаше реакции, и се она што беше предмет на новите законски измени. Начелно, за една година е државниот испит, за две години се сите други, со тоа што во тој рок ќе имаме сите простор да ги додефинираме работите и, се разбира, да видиме дали  тоа е тоа што треба да функционира на тој предложен начин или ќе се бара некое друго решение, изјави Стојковски. 

Константин Битраков од Студентскиот пленум  рече дека се задоволни од постигнатата согласност за одложена примена на последните измени на Законот за високото обрзование и дека ќе учествуваат во натамошни дискусии.

- Во поглед на барањата на Студенскиот пленум има согласност, со тоа што  во периодот додека е одложена примената ние постојано ќе нудиме аргументи, постојано ќе ги изложуваме нашите ставови дека треба да бидат укинати одредбите, барем оние за државниот испит за коишто студентот е најзасегнат, рече Битраков. 

На средбата во Владата беше договорено спроведувањето на државниот испит да се одложи за една година, а обврската на професорите за објавување трудови во научни списанија со импакт-фактор - за две години. Во меѓувреме работни групи ќе дискутираат за подобрување на реформските закони и донесување нов закон за високото образование. 

Претставниците на УКИМ и на пленумите на професорите и студентите на средбата разговараа со премиерот Никола Груевски, со министерот за образование Абдилаќим Адеми и заменикот Спиро Ристовски.

 

 

Оцени ја веста

06.02.2015 - 15:37
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега