СВЕДОШТВО: Ако експлодираше цистерната ќе го немаше цело Богданци

 

Тројца млади жители на селото Ѓавато загинаа во хаваријата што се случи во погонот за полнење плински боци, а силната експлозија на жителите им изгледала како атомска бомба.

pozarce

 

Стотици остатоци од експлодирани плински боци стојат расфрлани во радиус од педесет метри од фабриката „Балкан гас“, во близина седат роднини и пријатели на вработените, кои со солзи во очите гледаат како полицијата и Обвинителството вршат увид во целосно демолираниот објект, во кој чиниш паднала бомба. Ваква беше сликата која вчера н` дочека во близина на Богданци каде што утрото се случи голема експлозија во погонот за полнење плински боци „Балкан гас“. Во трагедијата каква што не е запаметена во тој крај загинаа тројца млади жители на селото Ѓавато, вработени во фабриката, а уште неколкумина нивни колеги се повредени, пишува ДНЕВНИК. 

Силната експлозија утрото го потресе не само Богданци туку и околните села. 

- Се појави пламена печурка како по атомска бомба, се стресоа прозорците по силната експлозија. Потоа следуваа уште десетици помали од изгорените боци. Малите сини гасни боци, кои се произведувале во фабриката, по експлозијата, се расфрлани на патот и во околните ниви -вели за ДНЕВНИК рече еден од жителите. 

Пристапот до објектот беше затворен од сите страни во радиус од стотина метри. Фабриката е на излезот од градот кон Дојран и во близина нема станбени објекти.

- Малку недостигаше, па цело Богданци да летне во воздух ако изгореше и големата цистерна со гас паркирана пред фабриката - велат богданчани по трагичната несреќа. 

Велат дека од силната експлозија се поместила цистерната, но не била оштетена. 

- Експлозијата беше толку силна што ја помести цистерната паркирана пред фабриката. Ако ја зафатеше огнот, ќе експлодираше и можеше пожарот да се прошири до градот - велат за весникот загрижено богданчани. 

Жителите на Богданци со загриженост гледаа кон црната дамка и се надеваа дека нема да има уште некоја експлозија која би можела да ги загрози и куќите во близина. Некои од нив коментираа дека ваков погон не може да се постави толку блиску до куќите на богданчани.

Вчера с` уште немаше потврда за идентитетот на тројцата загинати, иако се знаеше дека се млади на триесетина години. На местото можеше да се чуе дека двајца од нив биле браќа, од кои едниот бил неженет, а другиот имал две деца. Неофицијално, сопственикот на погонот им бил роднина на загинатите, пишува ДНЕВНИК. 

Она што е познато е дека во првата смена кога се случила хаваријата, работеле жителите од Ѓавато, а во втората смена главно биле жители на Богданци. Тие велат дека во смените обично работеле по седум-осум луѓе. Kолку биле во фабриката во периодот на експлозијата, не е познато. Инаку, богданчани вчера беа во шок како можело вакво нешто да се случи во погонот кој бил семеен бизнис од 2006 година.

 

 

Оцени ја веста

05.02.2015 - 23:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега