Студија: Мерките за штедење во Грција доведоа до „незабележено кршење на човековите права“

Грчките мерки за штедење веќе четири години предизвикуваат „досега незабележено прекршување на човековите права“, се посочува во извештајот на Меѓународната федерација за правата на човекот, што денеска беше претставен во Атина.

- Во грчката криза, најдлабоката по завршувањето на Втората светска војна, меѓународните институции дејствуваа со една единствена цел - да го спасат банкарскиот систем во земјата, без да поведат сметка за катастрофалните последици врз населението, изјави на прес конференција претседателот на Меѓународната федерација за правата на човекот, Карим Лахиџи, пренесен од француските медиуми.

Извештајот, што беше изготвен по истражувањето спроведено во јануари 2014 година, покажува како мерките за штедење, што беа диктирани од меѓународните кредитори - ЕУ и ММФ, во замена за меѓународните кредити за Грција, ги засегнаа „сите човекови права, од социјалните права до слободата на говорот“.

Правата на работниците во посочениот период се сериозно прекршувани бидејќи нивната минимална плата била намалена за 22 проценти по вториот меѓународен заем, што на земјата и беше одобрен во февурари 2012 година.

Невработеноста достигнала рекордни нивоа или цели 25,5 проценти , според последните податоци, што беа објавени во вторникот, се посочува во изваштајот.

Здравствениот систем, исто така, бил засегнат од кастрењата на буџетот.

Не се поштедени ниту политичките права и слободата на говорот. Во извештајот се посочени појавите на полициско насилство врз демонстранти, зголемување на нападите од ксенофобски побуди и затворањето на јавната телевизија во јуни 2013 година.

Грчката Влада одговорноста за таа ситуација ја подели со ЕУ и ММФ, кои на грчката држава и наметнаа да спроведе реформи кои му противречат на еврпското и меѓународното право.

- Грција не може да биде сива зона, каде меѓународните закони не се применуваат, подвлече Димитрис Христопулос, заменик претседател на Меѓународната федерација за правата на човекот.

 

 

Оцени ја веста

18.12.2014 - 19:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега