Хасипи и Шацимаркакис: Шулц да се заложи за итно отворање на преговорите со Македонија

 

Копретседавачите на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европска унија, пратеникот Кенан Хасипи и европратеникот Јоргос Шацимаркакис, испратија писмо до претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц  во кое од него бараат лично да се заложи за отворање на пристапните преговори со земјава, без одложување.

- Во писмото побаравме претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц на состанокот на Советот за општи работи што ќе се одржи на 25 јуни 2013 година, а на кој ќе се разгледува и прашањето за Република Македонија, лично да се заложи за отворање на претпристапните приговори со Република Македонија без одложување, како што тоа беше досега повеќе пати побарано и од страна на Европската комисија во нејзините извештаи за напредокот и во резолуциите за Македонија на Европскиот парламент, изјави денеска на прес-конференција во Скопје пратеникот Хасипи.

Исто така, тој потенцираше дека Шулц бил информиран оти на последниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет што се одржа на 22 и 23 мај во ЕП во Стразбур за првпат во историјата на овие состаноци е усвоен завршен документ без амандмани и со целосен консензус покажувајќи ја, според Хасипи, нашата зрелост и спремност како политичари да го однесеме чекор напред процесот на евроинтеграции на Република Македонија.  

Поддршката на евроинтеграциските процеси во рамките на Мешовитиот парламентарен комитет, според Хасипи, е значаен елемент за натамошен позитивен развој на односите меѓу македонскиот законодавен дом и ЕП, а во функција на јакнењето на вкупните односи помеѓу Република Македонија и Европската унија.

- Верувам дека нашето единство демонстрирано на состанокот на Комитетот во Стразбур, како и нашето заедничко писмо со Шацимаркакис упатено до Шулц ќе дадат свој резултат и нашето барање ќе биде презентирано на состанокот на Советот на 25 јуни оваа година, изјави Хасипи.

ФОТО: Сител