Софијанова: Сакаме да бидеме високо на листата и по бројот на кадаверичната трансплантација
Македонија се вброи меѓу десетте земји со најразвиена трансплантација од жив донатор, според последниот извештај на интернационалниот регистар на донирање органи. Во истражувањето биле вклучени 71 земја од светот, а Македонија е осма според бројот на трансплантирани бубрези од жив донатор. Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, проф-д-р Аспазија Софијанова е национален координатор за трансплантација. Таа во интервју за Република зборува за постигнувањата.
- Во Македонија со години се работи трансплантација од жив донатор. Тоа значи дека блиски роднини можат да даруваат орган на свој близок, кој има хронична бубрежна болест. Во последните три години бројот на овој тип трансплантации значително се зголеми. Ако имавме 300 трансплантации за период од 30 години, последните 100 трансплантации се направени во последните три години. Значи, на наше задоволство, бројката расте. Причина за ова е, секако, тимската работа. Почнувајќи од Клиниката за нефрологија, каде што под водство на професор Шиколе се подготвуваат пациентите, потоа на уролошкиот тим предводен од д-р Сашо Дохчев, д-р Оливер Станков и д-р Сотир Ставридис и, секако, на колегите од КАРИЛ и д-р Маја Мојсова. И да не ја заборавиме улогата на Институтот за трансфузиологија и д-р Ема Велкова, каде што се прават сите типизации за да се открие кој е најдобар донатор. Само со добра соработка и координација на тимовите растат бројките на пациенти на кои е направена трансплантација, вели Софијанова и додава дека тимската работа е клучна за успех.
Директорката на Клиниката за Детски болести додава и дека кога се работи за жив донатор, дарители на орган можат да бидат само најблиските роднини. Тоа значи родители на деца, деца на родители и лица што се во брак. За жал, не е секогаш пресудна желбата да се дари орган на близок туку можноста тој орган да се совпаѓа. Кога нема можност за совпаѓање, лицето се става на листата за орган од кадавер – односно починат донатор.
Аспазија Софијанова за Република вели и дека секоја кампања што има за цел подигнување на свеста на населението за донирање органи и за трансплантација е од голема помош.
На прашањето зошто Македонија сè уште не е дел од меѓународната донаторска мрежа на органи „Евротрансплант“?, таа одговара дека за да станете полноправна членка на „Евротрансплант“ треба да работите многу, да постигнете многу и да покажете конкретни резултати. Сето ова не се прави преку ноќ. Ние почнавме пред неполна година и веќе зад себе имаме шест кадаверични трансплантации и 12 трансплантирани бубрези. Ова не е малку, но нѐ чека долг пат за да ги задоволиме критериумите за полноправно членство во „Евротрансплант“. Како Национален координатор за трансплантација ова е една од моите цели за 2015 година. Со темпото со кое напредуваме верувам дека е можно да бидеме еднакво добри како Хрватска, која покажа како може за кратко време да се издигне на полето на трансплантација.
- Ова е нешто на што ќе работиме в година. Во план е проширување на бројот на кадаверични трансплантации, проширување на мрежата на болници што ќе се вклучат во трансплантацијата, заживување на трансплантацијата на црн дроб и, секако, едукација на тимови од аспект на стручност и на организација. Верувајте дека имаме еден прекрасен тим на лекари од КАРИЛ, неврохирургија, урологија, нефрологија, неврологија, педијатрија, трансфузија и Институтот за рендгенологија, кои имаат толку елан за работа и една позитивна енергија и верувам дека на овој начин веќе в година ова време ќе имаме уште подобри резултати, вели Софијанова.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа