Коневски: Македонија треба да се интегрира во Јадранско- Јонскиот макро регион

Градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, минатата недела, во Брисел учествуваше на Заедничкиот консултативен комитет (JCC) меѓу Република Македонија и Европската унија како копретседавач на Комитетот на регионите (CoR). На маргините на состанокот на овој Комитет, градоначалникот Коневски даде интервју околу прашањата за соработката со ЕУ, како и околу тоа зошто Македонија треба да се интегрира во Јадранско-Јонскиот макро-регион за тамошните медиуми, кое го пренесуваме во целост.

Со какви вредности се здобивате од Заедничкиот консултативен комитет?

- Овој форум ни дава можност да додадеме вредност на нашите заеднички проблеми и заложби во домашните и европските официјални прашања. Во првиот Извештај на Заедничкиот консултативен комитет исцрпно се наведени нашите погледи во однос на кои имаме постигнато усогласување. Образложенијата се јасни и значителни, изложени во 41 пасус и распоредени во седум поглавја. Меѓутоа, и покрај ова постигнување и искуството од изминатите шест години заедничка работа, чувствуваме дека сè уште имаме потреба од публика: поширок спектар на слушатели, кои може да понудат повратна информација за нашите дела, како и практична помош.

Кои препреки сè уште постојат во рамките на оваа соработка?

- На секоја средба на Заедничкиот консултативен комитет разработуваме по една дадена тематска целина, изведена од усвоената заедничка повеќегодишна програма. Понекогаш „продаваме“ знаење на колегите од ЕУ, понекогаш „купуваме“ знаење од нив. На пример, ги претставивме нашите искуства за издавање градежни дозволи по електронски пат, во што сме понапредни од земјите-членки на ЕУ. Од друга страна, побаравме од нашите европски колеги да го споделат со нас нивното искуство за постигнување повисока фискална децентрализација. Во тој поглед, партнерството функционира добро. Меѓутоа, кога ги отвораме дискусиите за препораката на Европската комисија до Советот на Европа за отворање преговори за пристап, што е неизбежно кога се има предвид напредокот што го имаме постигнато, постојат прашања што не може да се одговорат. Ова е многу фрустрирачко за двете страни.

Побаравте да бидете вклучени во Стратегијата за Јадранско-Јонскиот макро-регион. Кои придобивки ќе ги добиете со тоа?

- Регионот на Југоисточна Европа се покрива со три макро-регионални стратегии, секоја поддржана од поединечна транснационална програма за соработка: Медитеранска, Дунавска и Јадранско-Јонска. За жал, Република Македонија е изоставена од сите три. Република Македонија природно припаѓа на Јадранско-Јонскиот макро-регион, со коритата на Охридското Езеро и Реката Дрим. Вклученоста во оваа програма ќе обезбеди континуитет и зајакнување на соработката во рамките на регионот на Југоисточна Европа. Исто така, ќе обезбеди соработка ориентирана кон проекти со Медитеранскиот и Дунавскиот макро-регион, кои се, исто така, многу важни коридори за развој за Република Македонија. Делиме слични предизвици со повеќето од членките на Јадранско-Јонскиот регион, имајќи предвид дека 5 од нив произлегуваат од поранешна Југославија. Постојната соработка и врски се, исто така, доста видливи, на пример: Коридорот 8 (поврзување со Италија, преку Албанија); Коридорот 10 (поврзување со Грција и Србија), кои се многу важни коридори за комуникација за земја опкружена со копно што дели исти интереси, проблеми, перспективи и иднина со соседните држави со директен пристап до Јадранско-Јонските мориња.

Курир

 

 

Оцени ја веста

10.12.2014 - 10:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега