Венизелос се помири?- не го напуштил состанокот иако Македонија била најавена под уставното име

Министерот за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос, не си заминал пред крајот на состанокот на коалицијата од 62 земји предводени од САД за борба против Исламската држава на Ирак и Левант (ИСИЛ) поради именувањето на нашата земја како Република Македонија во завршната декларација, бидејќи такво нешто не постои.
 
Како што за дописникот на МИА од Брисел потврдија учесници на состанокот, меѓу кои беше и македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски, во завршната Декларација од средбата организирана од државниот секретар на САД, Џон Кери на 2 декември, воопшто не стои име на ниту една од 62-те земји од коалицијата.
 
Имено, поради тоа што состанокот што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел минатата недела беше во организација на Кери и Американците, во најавата, нашата земја и учеството на Попоски биле најавени со уставното име - Република Македонија. И покрај тоа што ја добил најавата и на почетокот на истата, Попоски бил најавен како македонски министер, Венизелос учествувал на состанокот, додека во завршната Декларација против терористите од ИСИЛ не било наведено името на ниту една од земјите што се дел од коалицијата (62 земји)!
 
- Република Македонија беше наведена во најавата, т.е. повикот за учество на состанокот на коалицијата против ИСИЛ предводена од САД. Тоа не му пречеше на Венизелос и учествуваше на истиот. Завршната Декларација е усвоена без да се наведе името на ниту една од земјите кои партиципираат - наведуваа високи извори што присуствуваа на овој состанок во изјава за МИА, инсистирајќи на анонимност.
 
Според истите извори, очигледно притиснат од грчките медиуми, кои веќе реагирале што во најавата, нашата земја е заведена како Република Македонија, по завршувањето на состанокот, Венизелос се обидел да направи шоу пред грчките медиуми. Па, така, нивниот шеф на дипломатијата, најпрво на грчките известувачи од Брисел, а потоа и преку соопштение на Министерството за надворешни работи на Грција, потенцирале дека тие демонстративно го напуштиле состанокот поради тоа што Македонија не е заведена како ФИРОМ во завршната Декларација.
 
Сепак, вистината е дека САД, кои ја признаваат Република Македонија со нејзиното уставно име, ја именувале нашата земја како што е правилно во најавата за состанокот, што го знаел и Венизелос, но сепак учествувал без проблеми на истиот. Во завршната Декларација не е наведено името на ниту една од 62-те земји што се дел од големата коалиција предводена од САД за борба против ИСИЛ, што значи дека шоуто на грчкото МНР и неговиот предводник е само лажна претстава за медиумите кај нашиот јужен сосед.
 

 

Оцени ја веста

08.12.2014 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа