За една недела цариниците фатиле 34 килограми марихуана - еве што се случувало на граничните премини во Македонија

Постапувајќи по констатираните неправилности, Царинската управа на Република Македонија во мај 2013 година до надлежните јавни обвинителства  поднесе 9 кривични пријави против 16 физички лица и 2 правни лица, информираат од македонската Царинска управа.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“  „Фалсификување исправа“ и „Поднесување лажни докази“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Една кривична пријава е поднесена против четири албански државјани, затоа што на 16.05.2013 година преку граничниот премин Табановце автопат се обиделе да пренесат околу 16 кг марихуана.

При детална царинска контрола на возилото кое го управувал првопријавениот, во метален сад, сместен во внатрешноста на плинскиот сад од системот за напојување на моторот, откриена е марихуана со тежина од околу 16 кг. Другите тројца пријавени, учесници во организацијата на транспортот на дрогата се лоцирани и уапсени во Кичево.

Две кривични пријави се поднесени против три физички лица, од кои двајца италијански и еден романски државјанин, кои во два одвоени случаи, преку граничниот премин Ќафасан се обиделе да внесат во Република Македонија вкупно околу 18 кг марихуана.

Во првиот случај, кривична пријава е поднесена против двајца италијански државјани заради обид за криумчарење на околу 11 кг марихуана. На различни места во возилото со италијански регистарски ознаки со кое патувале пријавените 10.05.2013 година на влез во Република Македонија се откриени  вкупно 24 пакетчиња марихуана со тежина од околу 11,94 килограми. Споед нивната изјава, марихуаната ја набавиле со помош на тројца албански државјани, со кои се запознале  на аеродромот во Албанија, а намерата им била да ја пренесат до Италија, преку Македонија, Србија, Хрватска и Словенија. 

Во вториот случај, кривична пријава е поднесена против романски државјанин заради обид за криумчарење на околу 7 кг марихуана, откриен при влез во Република Македонија на 12.05.2013 година. При личен претрес и контрола на возилото со бугарски регистарски ознаки кое го управувал пријавениот, пронајдени се 8 пакетчиња со марихуана со тежина од околу 7,39 килограми. Според неговата изјава, за надомест од 1.000 евра, требало да ја пренесе марихуаната од Албанија до Софија.

Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, затоа што на 06.04.2013 година како патник во автомобил со македонски рагистарски ознаки се обидел да пренесе околу 6 грама марихуана преку граничниот премин Делчево. Марихуаната е пронајдена при претрес на пријавениот, во неговата лева патика.

Криумчарење

Една кривична пријава е поднесена против српски државјанин, заради обид за криумчарење сребрен накит со вкупна тежина од околу 4,2 килограми. Накитот е пронајден при личен претрес на српскиот државјанин и контрола на неговото патничко возило со српски регистарски ознаки, на влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. Според фактура пронајдена во чантата на пријавениот, вкупната вредност на пронајдениот сребрен накит изнесува 336 илјдеи денари.

Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, заради обид за криумчарење на златен накит. При личен претрес на пријавениот, кој на 18.05.2013 година, на граничниот премин Богородица, како патник во мини-бус, се пријавил за влез во Република Македонија, во џебовите од неговите панталони и околу вратот се пронајдени 7 парчиња златен накит (нараквици, обетки, златен ѓердан), со вкупна тежина од 130 грама и вредност од 174.732,00 денари.

Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје и три физички лица, вработени во правното лице, од кои еден државјанин на Република Грција и двајца македонски државјани, заради пуштање во слободен промет стока чиј увоз е забранет.

На 29.08.2012 година на царинската испостава Богородица пријавено е товарно моторно возило, кое за потребите на пријавеното правно лице превезувало безоловен моторен бензин „еуросупер бс 95“ со октански број 95 РОН. Заради утврдување на својствата на моторниот бензин, земена е мостра и истата е испратена на  испитување во царинската лабораторија, каде е утврдено дека станува збор за моторен бензин со октански број 94,1 - стока која е забранета за увоз. Во меѓувреме, без да се чекаат резултатите од анализата и пред да се поднесе царинска декларација за увозно царинење на бензинот, горивото било истоварено во резервоарите на пријавеното правно лице, со што стоката била пуштена во слободен промет.

Фалсификување исправа и поднесување лажни докази

Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Гевгелија и двајца македонски државјани, одговорно лице и вработен во правното лице, заради фалсификување Сертификат за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај. Случајот е откриен на граничниот премин Богородица, каде второпријавениот, како возач на товарно возило, започна извозна постапка, при што приложи и наведениот сертификат. Царинските службеници се посомневаа во валидноста на сертификатот и истиот го испратија на проверка во Министерството за транспорт и врски, каде е утврдено дека за такво лице воопшто не бил издаден сертификат. Извршено е и вештачење од страна на МВР, каде е потврдено дека се работи за фалсификат. Според изјавата на второпријавениот, фалсификатот му го изготвил првопријавениот, одговорно лице на пријавеното правно лице, и за истиот му наплатил 1.500 денари.

Овој документ е неопходен за работа како возач во меѓународнен патен сообраќај, поради што и е употребен фалсификатот, кој бил поефтин од оригиналниот сертификат.

Една кривична пријава е поднесена против физичко лице од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторил две кривични дела фалсификување исправа и кривично дело поднесување лажни докази.

Во 2012 година, со една увозна царинска декларација на царинската испостава Скопје 2, пријавениот увозно оцаринил употребувано патничко моторно возило, при што приложил фактура со изјава за потекло, потпишана од странскиот продавач, како доказ за преференцијално потекло на возилото со цел да  му биде одобрено увозно царинење со царинска стапка 0%. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата за потекло во фактурата, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Холандија, со барање за верификација на доказот за потекло – изјава за потекло. Според доставениот одговор од странската царинска администрација извозникот никогаш не го поседувал предметното возило, ниту ја изготвил бараната фактура.

(Интегрален текст од соопштение испратено од Царинската управа на Република Македонија)

најчитано сега