Честитка од претседателот на Собранието Вељаноски за празникот Св. Климент Охридски
Празникот посветен на Свети Климент Охридски е уважување на неговите дела кои се безвременски и се непроценлив дар за македонската национална и црковна историја. Ние сме горди што Св. Климент Охридски токму на македонско тло го создаде кирилското писмо и ја продолжи благородната мисија на Светите браќа Кирил и Методиј во описменување и јакнењето на христијанството кај луѓето преку кое просветли многу народи.
Ова го наведува претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски во честитката која од свое име и од името на пратениците по повод утрешниот празник Св. Климент Охридски им ја упати на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, на Синодот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија и на православните верници.
Вељаноски истакнува дека придонесот со основањето на Охридската архиепископија и Охридската книжевна школа е цивилизациски симбол на една епоха во која се промовираат на најдобар начин вредностите на православието, христијанскиот дух и верата на луѓето.
- Кога зборуваме за сите овие вредности на закрилникот и патронот на македонскиот народ низ историјата, ние имаме должност да продолжиме во применувањето на овие цивилизациски придобивки на христијанството. Нека денешниот христијански празник претставува уште поголем поттик за меѓусебно разбирање и промовирање на воспоставената традиција на заедничко почитување и помагање. Заеднички да продолжиме да работиме за просперитет на Република Македонија и за безгрижна и светла иднина на следните поколенија, стои во честитката на Вељаноски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа