Вајгл: Македонија заслужува да ги почне преговорите со ЕУ

 

 

Почнување на преговорите за пристапување во ЕУ паралелно со разговорите за името во рана фаза од преговорите што беше агенда на поранешниот еврокомесар за проширување Штефан Филе, ќе ја турка и  новиот известувач за Македонија во Европскиот парламент, словенечкиот европратеник Иво Вајгл.

- Не постојат причини зошто Македонија не би ги почнала преговoрите за членство и нема подобра опција за земјата од евроатлантската интеграција. Апсолутно е неприфатливо по шест препораки на Европската kомисија ова да не се случи. Македонија треба да ги почне преговорите и да биде во подобра позиција од сега, бидејќи кога двајца партнери преговараат едниот не треба да е привилегиран. Не сум сигурен дека ќе бидам поуспешен од Филе во мојата работа, но ќе се трудам бидејќи се случува неправда, а не треба да биде така, рече Вајгl на заедничката прес-конференција во Скопје со досегашниот известувач за земјата европратеникот Ричард Ховит.

Според него, Македонија има пријатели во ЕП и се надева дека ќе има подобар успех во туркањето на ова прашање за започнување на преговорите од неговиот претходник.

- Се надевам дека ќе успееме да создадеме притисок во ЕП по ова прашање бидејќи се случува неправда, а не треба да се случува. Случајот на Украина не научи дека тешките кризи во Европа се сеуште можни. Се уште постојат скриени опасности во овој регион и ние треба да направиме се што можерме да не дозволиме да се појавуваат вакви проблеми. Потребна ни е стабилност овде, рече меѓу другото Вајг.  

Најави дека никогаш нема да го користи акронимот ПЈРМ и ќе ни се обраќа со уставното име Република Македонија бидејќи Словенија не призна под тоа име. Во врска со тоа дали има идеи како да се надмине спорот за името, вели дека е потребно во него да се внесе динамика.

- Потребно е да се создае диманика во дискурсот околу името. Разумната грчка политика би требало да диктира отвореност кон решавање на проблемот, а не да се вкопува во одбранбени ровови. Мислам дека ЕУ треба да создадеме динамика, а тоа може да се направи само со отворање на преговорите и со отворање на некои поглавја кои се помалку спорни за соседите, рече Вајгл, кој денеска и утре ќе има средби со претседателот Иванов, со премиерот Груевски и сите релевантни политички фактори во земјата. 

Ховит, кој во новиот Европарламент ќе ја извршува функцијата портпарол на Комитетот за надворешна политика и ќе биде известувач во сенка за Македонија, изрази уверување дека Вајгл ќе продолжи да го развива и да го унапреди активизмот за Македонија во европскиот законодавен дом.  На ова, како што рече, своевидно предавање на должноста, кусо се осврна на постигнувањата од неговиот мандат, а меѓу другото и на спорот за името кој ја блокира евроинтеграцијата на земјата.

- Не постои пократок пат за Македонија кон ЕУ, името мора да се реши. Верувам дека постоеја временски прозорци кога прашањето за името можеше да се реши и дека тие се испуштени. Но, се надевам дека кога ќе се појават повторно, земјата, Владата и луѓето на земјата ќе бидат подготвени да ги искористат, рече Ховит.

Тој предупреди дека е потребна внимателност за сите настани што би можеле да ја вратат земјата во конфликт и оти ги предупредил и ЕУ-земјите да не се приклонуваат кон состојбата на статус кво за земјата, бидејќи влијаат врз интересите и нејзината иднина.

До политичките партии со порака да ги разрешат разликите и да го стават националниот интерес пред сопствените партиски интереси, оти тоа е од стратешко значење за евроатлантската интеграција на земјата. 

- Не би сакал оваа земја да биде нов замрзнат конфликт. Сакаме оваа земја да биде дел во географските граници на ЕУ. Верувам дека треба да се приклучи на ЕУ и апелирам до луѓето да ја задржат вербата во европската иднина бидејќи тоа е единствена одржлива и добра алтернатива, рече Ховит.

Ховит порано денеска во ЕУ-инфо центарот во Скопје одржа предавање за научените лекции од изминатите четири години како известувач во ЕП за РМ.Тој истакна дека бил задоволен од неговата работа, која објективно ја вршел, но и оти се чувствува фрустрирано како и граѓаните на Македонија што земјата се уште не ги почна преговорите за членстви во ЕУ.

Најголемо разочарување за него е што ЕУ не ги исполни своите колективни заложби дадени со Солунската агенда за европерспективи за Западен Балкан. Нагласи дека брутална вистина е и фактот дека Македонија, не беше и можеби нема да биде доволна важна за европските земји членки да го направат тешкиот чекор и да постигнат дипломатски напредок.

Сепак, посочи, дека земјата мора да работи на унапредување на демократијата, на политичкиот дијалог, надминување на поларизацијата. Порача дека таа треба да се промени од внатре, со акцент на реформите во суштинските области - независно судство, слобода на медиумите, јавните набавки, борба против корупцијата, за да ја промени перцепцијата за земјата од надвор.Реформите, вели, започнаа, но одлучните промени и најважните рефоми се уште се далеку. 

-Реформите се како велосипед што мора да се движи напред за да не се падне од него. Потребно е да се избегнува назадување во сите чувствителни области каде земјата е набљудувана одблиску, порача Иво Вајгл.

МИА

 

 

Оцени ја веста

04.12.2014 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега