Тодоров: Големи заштеди откако клиниките ќе добијат сопствен извор на електрична и топлинска енергија

 

Министерот за здравство, Никола Тодоров денес информираше за проект кој ќе биде реализиран во претстојниот период и кој се надоврзува на спроведената гасификација на комплексот клиники „Мајка Тереза".  

Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза" се затоплува на гас, а досега за целиот период (декември 2013 – ноември 2014) се евидентирани вкупни заштеди над 40 милиони денари  (40.431.045 денари). 

-За споредба, во периодот од декември 2012 до ноември 2013 за затоплување со мазут се потрошени 125.494.825 денари, а за периодот од месец декември 2013 до месец ноември 2014 за затоплување на гас се потрошени 85.063.780 денари. За илустрација на месечно ниво, за месец јануари 2013 за затоплување со мазут се потрошени речиси 20 милиони денари (19.940.081 денари), а во јануари 2014 година по извршената гасификација се потрошени околу 14 милиони денари (14.350.812 денари), со што заштедата изнесува над 5.5 милиони денари (5.589.269 денари). За месец март ситуацијата е слична, и заштедата изнесува околу 5.5 милиони денари.  За месец ноември заштедата е најголема и изнесува над 6.7 милиони денари (6.756.112 денари), потсети Тодоров.

Тодоров информираше дека Владата на Република Македонија на последната одржана седница донесе одлука за започнување на постапка за изградба на когенеративна електрична централа за произдводство на струја и топлинска енергија, со цел снабдување на комплексот клиники „Мајка Тереза" со електрична и топлинска енергија. 

-Со изградбата на оваа постројка, имаме направено проценка дека ќе заштедуваме дополнителни 10 милиони денари годишно, а овие средства, како и сите останати кои ги остваруваме како резултат на заштеди, ќе бидат инвестирани за подобрување на севкупниот здравствен систем во државата.

Сакам да истакнам дека изградбата на когенераторската постројка ќе биде со воспоставено јавно-приватно партнерство, при што критериумот за доделување на договорот за ЈПП на приватен партнер ќе биде најниско понудена цена за топлинска енергија и електрична енергија испорачана од котлара/когенерација изразени во проценти од постојната цена.

Почетните цени што ќе бидат предмет на негативно наддавање треба да бидат: за топлинска енергија испорачана од котлара/когенерација минимум 5% пониска од сегашната цена од 4,01 ден/ kWh (утврдена врз основа на сегашните трошоци за производство на топлинска енергија), а за електричната енергија произведена и испорачана од когенеративната постројка за 5% пониска од постојната цена од 6,33 ден/kW/h која се плаќа на ЕВН, т.е. од цената која важи во моментот на производство (освен ако не дојде до промена на цената од страна на регулаторна комисија), дефинира министерот.

 

 

Оцени ја веста

04.12.2014 - 13:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега