Бесими во посета на Франција
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, кој престојува на работна посета во Франција, денеска се сретна со францускиот министер за европски прашања Харлем Дезир.
На средбата, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, се разговарало за добрите односи меѓу Македонија и Франција кои, како што било констатирано, се отворени со конструктивен дијалог за континуирано продлабочување на соработката на повеќе области од взаемен интерес.
Министерот Дезир истакнал дека Франција потполно ја подржува Македонија во реализацијата на стратешките цели за интеграција во ЕУ и НАТО.
Вицепремиерот Бесими, пак, осврнувајќи се на реформите што се спроведуваат во Република Македонија, истакнал дека Владата вложува напори во остварувањето на ЕУ агендата која, како што посочил, претставува клучна стратешка цел на земјата.
- Детално е разгледан Извештајот од Европската комисија за напредок на Република Македонија и според наодите од него подготвен е Нацрт-акциски план каде се предвидени краткорочни и среднорочни цели кои ќе бидат насочени кон подобрување на состојбата во приоритетните области како што се судството, слободата на изразување и медиумите, економскиот развој, добрососедските односи..., истакнал Бесими.
Воедно, посочил дека Македонија со досегашните спроведени реформи веќе е спремна за започнување на преговорите за членство во ЕУ, па затоа поддршката на Франција во претстојниот декемвриски самит на Европскиот совет, би била добредојдена имајќи предвид дека Франција е една од земјите членки на ЕУ која ја подржува интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Преку интегрирањето на земјите од Западен Балкан, меѓусебната соработка и изнаоѓањето на решенија за отворените прашања, ќе се придонесе во зајакнувањето на стабилноста во регионот, истакнал Бесими.
Вицепремиерот Бесими се сретнал и со пратеникот на Националното собрание Филип Дурон, претседател на Групата за француско-македонско пријателство, со кого разговарал за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во области од заемен интерес, за можностите за размена на искуства во зајакнувањето на државната администрација, апсорбирањето на европските фондови, економскиот развој, намалувањето на невработеноста и справувањето со предизвиците што ги носи глобализацијата.
Во текот на денот, вицепремиерот Фатмир Бесими ќе учествува и на симпозиум организиран од Центарот за меѓународни студии и истражувања (CERI), на тема „Европската интеграција на Балканот - што понатаму?“, каде ќе учествуваат и почесниот директор на Европската комисија на Генералниот директорат за проширување Пјер Мирел, директорот на Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус и академци од Универзитетот на Грац кои ќе дискутираат за значењето на интеграцијата на Балканот во ЕУ, предизвиците и поволностите од приклучувањето на овие земји во Унијата.
За време на неговиот престој во Париз, во текот на утрешниот ден, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања ќе се сретне со претседателот на комисијата за европски прашања.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа