Полска останува пријател на Македонија на патот кон ЕУ
Полска останува пријател на Македонија. Ќе продолжиме со поддршката за вас во подготовките и во текот на отпочнувањето на преговорите со Европската унија, беше истакнато на петтата скопска конференција меѓу Полска и Македонија за продлабочување на соработката на практично ниво во ЕУ-интеграциите.
Марчин Кувјак, државен потсекретар во Министерството за инфраструктура и развој, изјави дека Полска годинава одбележува 10 години од членството во ЕУ, а тоа е време да се даде и проценка за изминатиот период.
- Успеавме да го надминеме јазот со побогатите членки на ЕУ во однос на кохезиската политика и инфраструктурата. Европските фондови кај нас одиграа улога на браник од економската криза која започна во 2008 година. Полска беше единствената членка на ЕУ со раст на БДП од 4 проценти за разлика од другите кои имаа околу половина процент. Тука е значајно искуството на Полска дека ЕУ-фондовите кога ќе се искористат мудро во соработка на Владата и локалните власти ја спречуваат кризата и го зголемуваат извозот и соработката со другите земји, истакна Кувјак.
Државниот потсекретар во МНР Артур Новак – Фар изјави дека Полска може да и помогне на Македонија со своите искуства од процесите на преговори и пристапувања, а во контекст на одличните односи меѓу Македонија и Полска.
Како што истакна шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, фокусот на оваа средба е апсорпцијата на ЕУ-фондовите во процесот на пристапување, како и правосудството, поточно поглавјето 23 кое, посочува, ќе биде важно во преговорите за пристапување на Македонија во почетната фаза.
- За нас полското искуство е значаен адут бидејќи земјата имаше особени успеси во процесот на пристапување со надминување на јазот меѓу земја која штотуку пристапува и постојаните членки. Полска ексклузивно и на многу отворен и конструктивен начин ги споделува тие искуства, а сметаме дека и во следниот период со значењето и тежината на Полска тоа ќе биде еден наш силен адут за побрзо и поефикасно пристапување кон ЕУ, рече Попоски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа