Охрид промовиран и во Република Кина

 

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, во рамки на работната посета на кинескиот град Шенжен, оствари средба со делегација на регионалните власти, предводена од заменикот-градоначалник на Шенжен, Ву Јихуан која воедно е и шеф на Секторот за образование, култура, спорт и здравствена политика во локалниот Конгрес на провинцијата.

 

На средбата било разговарано за можностите за воспоставување долгорочна соработка во делот на образованието преку размена на студенти и професорски кадар, можностите за продолжување на постојната соработка меѓу Охрид и Шенжен во областа на културата, како и за потенцијалите за инвестирање во објекти за здравствен туризам на брегот од Охридското Езеро.

 

Бакрачески ги запознал домаќините од Кина со можностите што Владата на Република Македонија и локалната самоуправа на Охрид ги нудат во делот на реализација на странски инвестиции посебно во делот на ИТ-технологиите, лесна незагадувачка индустрија и во делот на градба на луксузни хотелски комплекси.

Охридскиот градоначалник ја искористил посетата на Кина на домаќините да им ја претстави мерката за субвенциите што Република Македонија ги предвидува за тур-операторите кои ќе носат странски гости на повеќедневен туристички престој во Македонија. Договорено било преку Амбасадата на Република Кина заедно со локалната самоуправа да се организира групна презентација на туристичката понуда на Охрид за кинеските тур-оператори и новинари што би се реализирала некаде на почетокот на наредната година.

 

Инаку, градот Шенжен е со популација од 15 милиони жители. Станува збор за еден од најмодерните градови во Кина, со најбрза растечка економија, во кој се стационирани над 3 000 компании за висока технологија. Шенжен е еден од четирите најголеми градови пристаништа во светот, со годишна размена од 537 милијарди долари, чиј економски прираст во последните години изнесува дури 25 отсто годишно а има GDP по глава на жител од 20.000 долари.

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 18:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега