Меѓаши: Фрустрациите и насилствата од општеството се прелеваат во училиштата

 

Постоењето комуникација помеѓу учениците од различни етнички припадности е базичен фактор кој влијае на вкупната клима на односите помеѓу учениците во средните училишта, покажуваат резултатите од анализата на Првата детска амбасада „Меѓаши“ од истражувањата спроведени во пет скопски училишта. Анализата е спроведена во рамките на програмата „Мировно образование“.

Според анализата, за превенција на насилствата во средните училишта голема ефикасност имаат мировните младински клубови.

- Резултатите од истражувањето покажуваат дека помеѓу членовите на младинските клубови доминацијата на позитивните чувства кон припадниците на другите етнички заедници е поприсутна и во двете истражувања во однос на оние кои на се членовите и кои немаат намера да станат членови на мировните клубови, информира „Меѓаши“, додавајќи дека покрај сите тешкотии и бариери на кои наидува, мировното образование дава кревки но охрабрувачки резултати.

„Меѓаши“ посочува дека и покрај разновидните проекти и стратегии за намалување на насилството, резултатите се одвај видливи затоа што фрустрациите и насилствата од општеството во целина се прелеваат во училиштата. Негативните етнички стереотипи и предрасуди, социјалната неправда, силнотo влијание на медиумите и интернетот, говорот на омразата од  политичките партии, додава „Меѓаши“, придонесуваат насилството да стане образец на однесување кај младите и тоа да се пренесува во училиштата.

-  Целокупната атмосфера во општеството, генерално е премногу демотивирачка бидејќи насилството се генерира на различни нивоа и се пренесува во училиштата. Сликата за состојбите во училиштата е „контаминирана“ во одреден степен од актуелната „голема“ слика што егзистира во општеството. Ваквите активности сами по себе не можат да постигнат видливи позитивни резултати, голем исчекор во подобрување на состојбата, особено не во кратко време. Училиштата не се изолирани простори... Затоа упатуваме апел до граѓанските организации, медиумите, институциите, да сплотиме сили и да обезбедиме училишта во кои мирот и ненасилството ќе бидат основни вредности. Летниот распуст нека означи почеток на размислување на сите кои носат одговорност за младите, како со почетокот на новата учебна година од септември заедно да обезбедиме училишта без насислтво, соопшти „Меѓаши“.

„Меѓаши“ спроведе две истражувања (2011 и 2012 година) со средношколци во пет училишта во Скопје - во три етнички хетерогени и во две хомогени. Во 2011 биле анкетирани 370, а во 2012 година 325 ученици.

 

 

најчитано сега