Силна поддршка од Шпанија за ЕУ и НАТО интеграцијата - потребен е нов пристап од ЕК

 

Шпанија е силен поддржувач на Македонија што се однесува до деблокирањето на нејзината евроинтеграција, па оттука таа ја поддржува и идејата за нов пристап кон ова прашање. 
Идејата е на маса, но не е детализирана. Според Рамон Абароа Каранса, новиот амбасадор на Шпанија во Република Македонија, името мора да се реши што поскоро. 

- Првпат во Еврокомисијата има размислувања за поинаков проактивен пристап кон Македонија, односно решавањето на спорот околу името и нејзиниот европски пат. Како тоа ќе се реализира не знам, но знам дека идеја постои, но не е детализирана. Треба да се продлабочи и разгледа оваа иницијатива, истакнува Каранса на денешната прва средба со новинарите по предавањето на акредитивите, запрашан во врска со изјавата на еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, кој најави нов пристап кон Македонија.

Ставот на Мадрид е дека спорот за името е билатерално прашање, кое треба да се реши во рамки на ОН под медијаторство на посредникот Метју Нимиц. Тој додава дека Шпанија ја поддржува европската перспектива на Македонија сега уште повеќе од порано по шестата препорака на ЕК. 

- Штанија не е ниту против ниту контра Грција, но сметаме дека е итно да се реши името во контекст на ЕУ - интеграциите. Тоа што спорот се уште не е решен многу и наштетува на земјата и на македонскиот народ, вели амбасадорот Каранса.  

Во контекст на НАТО, оценува, сите живееме во време кое е ризично, посочувајќи на исламскиот радикализам кој е, вели, во пораст, а тука е и украинската криза. Затоа, вели, Македонија треба да стане дел од НАТО.

Шпанија е подготвена за соработка во однос на економијата, каде постои голем потенцијал. До сега неколку шпански фирми биле ангажирани на проекти во земјава. Според него, особено може да и бидат од корист на Македонија шпанските искуства во делот на обновливи извори на енергија, железничката и патната инфраструктура, третманот на води, области каде оваа медитеранска земја е на високи или водечки позиции во светски рамки.

Одлична можност за унапредување на врските и комуникакцијата меѓу двете земји гледа и во воведувањето директни летови од Скопје за Барселона и Мадрид, шпанската престолнина, што македонската Влада го најави за следната година преку тендер за ангажирање компанија за нискобуџетни летови.

Инаку, во однос на економската криза, вели Каранса, Шпанија првпат годинава по економската криза од 2008 година бележи раст кој се движи меѓу 1,3 и 1,5 отсто. Во оваа земја, која брои популација од 48 милиони, минатата година БДП по глава на жител изнесувал 30.892 долари по глава на жител, а минималната плата е околу 650 евра. 

13.11.2014 - 15:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа