Попоски: Атина сеуште е тврда по однос на прашањето за името

Нема никакви поместувања или новости во однос на прашањето за името. Ова го искажа министерот за надворешни работи на Макеоднија Никола Попоски, цитирајќи го и самиот исказ на медијаторот Метју Нимиц, кој од една страна истакна дека сака да продолжи да биде ангажиран во овој спор и во иднина. 
Попоски ваквата изјава ја даде по вчерашните средби на медијаторот, на ОН, во Њујорк, со претставниците на Македонија и Грција околу состојбите со разговорите за разликите околу името на Република Македонија.

- Останува проценката што ја имаме веќе во повеќе наврати констатирано и што е оценка која ја споделуваат и сите надворешни фактори дека во овој момент не постои посебна желба и мотивираност кај нашиот соговорник за придвижување особено со оглед на внатрешно политичките предизвици и приоритети што ги имаат. Од наша страна имаме желба, имаме мотив да го надминеме овој проблем што е единствениот проблем и единствената пречка да ги почнеме преговорите со ЕУ, како што и самата Европска Ккомисија има констатирано и воедно е главната и единствената пречка зошто Македонија не е земја членка на НАТО алијансата, истакна Попоски по пуштањето во употреба на повеќенаменско спортско игралиште во основно училиште „7-ми Март“ во Челопек 

Во меѓувреме, појасни, разменивме мислења и со ЕК околу тоа што можеме да направиме покрај блокадата што ја имаме во Советот на ЕУ од страна на Грција.

- И во тој дел имаме исти идеи дека многу што може да се направи во делот на реформите и приоритетните цели  што ги имаме во пристапниот дијалог на високо ниво и тоа и ќе го сториме, рече шефот на македонската дипломатија. 

13.11.2014 - 14:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега