Попоски: Наша врвна цел се ЕУ и НАТО - од Вишеградската група имаме голема поддршка
Во просториите на Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа промотивен настан за можностите за учество на субјекти од Република Македонија во програмите на Меѓународниот Вишеградски Фонд за соработка со земјите од Балканот наменети за невладините организации и администрацијата.
Настанот со свои обраќања го отворија министерот за надворешни работи Никола Попоски, амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија Мартин Безак и извршната директорка на Меѓународниот Вишеградски Фонд Карла Вурстерова.
Министерот Попоски во обраќањето, меѓу другото истакна, дека Вишеградската група е инспиративен модел на соработка, применлив и во нашиот регион. "Формулата за градење заедништво засновано на принципи и заеднички интереси, овозможува напредок за сите земји во остварувањето на стратешките цели и во совладувањето на предизвиците кои ги носи современиот свет".
Попоски подвлече дека Република Македонија ја споделува визијата на Вишеградската група и ќе продолжи активно да работи и придонесува во градењето на стабилна, безбедна и просперитетна Европа. "Нашата врвна цел останува да биде полноправното членство во НАТО и во Европската Унија. На овој пат, државите од Вишеградската група продолжуваат активно да ни помагаат и да нė поддржуваат. Им благодариме за партнерскиот однос и искрената ангажираност во полза на нашата заедничка европска иднина".
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа