Полагањето матура оди како “подмачкано“
Во сите средни училишта во Македонија навреме почнало и без проблеми се одвива полагањето државна матура, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски по посетата на средното скопско училиште „Васил Антевски-Дрен“.
- Во целата република државната матура почна во точно време, без никакви проблеми. Навреме беше доставен материјалот иако, за разлика од претходно, одлучивме еден час пред полагањето да биде дистрибуиран материјалот. На тој начин ќе обезбедиме квалитет и ќе ги намалиме сите шпекулации дека има извесни пробивања или злоупотреба на тестовите за државна матура. Им посакувам успех на сите ученици кои денеска почнаа со полагање на државната матура и полесно да се запишат на високообразовните институции, изјави министерот Ристовски, кому денешниот му беше прв настан во ресорот образование и наука.
На новинарско прашање одговори дека го избрал средното училиште „Васил Антевски-Дрен“ зашто сакал новата функција да ја почне од училиштето каде го завршил средното образование и кое, како што рече, придонело во неговото градење како личност и како политичар.
Ристовски беше придружуван од директорот на Државниот испитен центар Јусуф Арифи и од директорот на „Васил Антевски-Дрен“ Александар Канурков, каде што државна матура денеска полагаат 472 ученика.
Директорот на ДИЦ Јусуфи потврди дека матурата се реализира непречено. - Како и минатата државна матура, испитниот материјал денеска навремено беше доставен до училиштата, за разлика од порано кога се доставуваше 24 часа однапред. Сега се оневозможуваат манипулации и се има пообјективна државна матура. Околу 2.000 тестатори, исто така, навреме беа на своите места, како и над 300 набљудувачи. Од нив имаме добри информации дека тестот по мајчин јазик тече според правилата на државната матура. Немаме информации за манипулации кои може битно да влијаат врз квалитетот и објективноста на испитот, рече Арифи.
Директорот на „Дрен“ Канурков рече дека нивните ученици се добро подготвени и дека немале никаков проблем во организација и спроведување на државната матура. - Крајните резултати ќе покажат какви знаења имаат нашите ученици и нашите професори, рече Канурков.
Полагањето на првиот, задолжителен предмет од испитот државна матура почна во 10 часот. Тестирањето по мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература го полагаат 19.289 матуранти и трае четири часа. Како и во минатите години, тестот се состои од есеј и од 30 прашања од граматика и литература, кои учениците ги одговораат со заокружување.
Во однос на минатата година, во оваа е за 1,06 отсто поголем бројот на матуранти кои се пријавиле да полагаат државна матура.
Според податоците на Државниот испитен центар, македонски јазик и литература ќе полагаат 12.561 матурант, односно 1,42 отсто помалку од лани. За тестот по албански јазик и литература се пријавени 6.137 ученици, што е 5,97 отсто повеќе од учебната 2011/2012, а пораст од 5,11 проценти има и на апликациите за тестот по турски јазик и литература, односно 432 матуранти.
Вториот предмет од испитот е изборен и ќе се полага во вторник, 11 јуни, од 10 часот, во траење од три часа. Како и во минатите години, помал е интересот за математика отколку за странските јазици. За математика основно ниво пријавени се речиси исто како лани (0,05 отсто повеќе) односно 2.184, а само 13 ќе полагаат математика напредно ниво, што е помалку за шест матуранти или пад за 31,9 отсто.
Кај странските јазици, зголемен одѕив има за англиски и германски, а намален за француски и руски јазик. Англиски ќе полагаат 16.498, односно 1,59 отсто повеќе од лани, а тест по германски ќе полагаат 212, што е 42,2 отсто повеќе од минатата година. Кај францускиот јазик, пак, бројот на пријавени е опаднат - ќе полагаат 188 матуранти, 36,2 проценти помалку од 2011/2012. И за тестот по руски јазик има послаб интерес, ќе го полагаат 46, т.е. 20 помалку од лани, што е опаѓање за 30,3 отсто.
Матурантите од училиштата на уметностите за изборен предмет ги имаат филозофија и естетика. За 50 проценти има помалку пријавени за филозофија, 12 наспроти ланските 24 ученици, а 76 или повеќе за 22,5 проценти од лани се пријавени за тестот по естетика.
Испитот го надгледуваат околу 2.000 тестатори. Првите резултати се очекуваат за еден месец. Незадоволните кандидати имаат можност за приговор кој, како и лани, ќе чини 1.000 денари.
Матурантите кои нема да ја положат државната матура или ќе положат само еден предмет во јунскиот испитен рок, ќе имаат втора можност на следниот испитен рок - на 13 август мајчин јазик и на 15 август изборниот предмет. Годинашната е шеста генерација која полага државна матура од нејзиното воведување. Таа е услов за матурантот да продолжи со високо образование.
ФОТО: vmro-dpmne.org.mk