Косово половина година без Парламент

Поради несогласувањата на партиите кои освоија пратенички мандати, Косово и понатаму останува без Парламент, што е највисока законодавна институција во државата.

- Државата без Парламент е речиси шест месеци и овој период е штетен за земјата. Неконституирањето на новите инситуции, произлезени од изборите на осми јуни, е на штета на граѓаните, која им ја нанесуваат токму оние за кои го дале својот глас, сметаат политичките аналитичари.

Со 90 гласови „за“ пратениците на косовскиот Парламент на седми мај на вонредна седница гласаа за распуштање на четвртиот по ред законодавен дом. Тоа до отвори патот за спроведување на вонредни парламентарни избори, кои со одлука на претседателката Атифете Јахјага се одржаа на осми јуни. Но, и покрај овој изминат повеќемесечен период Косово се уште е без Парламент, нова влада и други инситуции.

Првите обиди да се конституира новиот Парламент беа на 17 јули. Но тие пропаднаа бидејќи на политичката сцена се формираа два табора, Демократската партија и партиите од предизборната коалиција и постизборниот блок, Демократски сојуз, Алијансата за иднина на Косово, Иницијативата за Косово и Движењето „Самоопределување“.

Обединувањето на овие партии услови ДП, која победи на изборите, да нема партнер за формирање на новите инситуции. Според аналитичарите, оваа блокада, создадена веднаш по изборите, го парализира формирањето на новите институции. Аналитичарот Алберт Красниќи, смета дека оваа блокада многу го чини Косово од два аспекта.

- Прво е на штета на имиџот на земјата на меѓународен аспект, бидејќи косовските политички лидери покажаа голема незрелост за формирање стабилни институции. Второ од економски аспект. Многу странски инвеститори целосно стагнираат, што индиректно се поврзува токму со институционалната криза, оценува Красниќи.

Оваа штета, додава Красниќи, им се прави на граѓаните токму од оние на кои им ја дале довербата за да ги формираат инситуциите.

- Тоа се претставници кои ги избрале граѓаните на Република Косово за да ги претставуваат во институциите и тие сакаат да ги решат овие проблеми, нагласува Красниќи

01.11.2014 - 17:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега