Премиерот го предизвикува Путин на џудо борба

Џудо клуб од Тасманија му понуди на рускиот претседател Владимир Путин почесно членство и предложи џудо борба меѓу Путин и премиерот на Австралија, Тони Абот, изјави денеска локалниот сенатор, Жаки Ламбије.

Таа рече дека поканата за борба  на клубот Улверстоун како и нивните маици му ги предала на рускиот амбасадор во Австралија, Владимир Морозов.

- Ако дојде до борба, клубот својот влог ќе го стави на победа на Путин, рече сенаторот.

Таа истакна дека џудо борбата меѓу двајцата државници би била „одлична за меѓународните односи“ Ламбије рече дека му се восхитува на Путин, кој е во служба на интересите на рускиот народ.

Австралискиот премиер, Тони Абот планира да се состане со рускиот претседател на маргините на самитот на Г20 - Групата 20 најголеми светски економии во Бризбејн во ноември, при што ќе инсистира на преземање одговорност за уривањето на малезискиот авион во Украина во јули кога загинаа 298 луѓе, вклучувајќи и австралиски државјани.

Абот (56) на 13 октомври изјави дека со Путин (62) ќе се пресмета користејќи го рагби термин „shirtfront“, што значи момент кога еден играч фаќа противнички играч со цел да го собори на земја.

30.10.2014 - 11:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега