„Ослободување на Скопје“ почнува да се снима од петок во Велес

Во петок во Велес ќе почне снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“ по сценарио и режија на познатиот актер Раде Шербеџија, кој пред триесетина години играше и во истоимената претстава според драмата на  Душан Јовановиќ. 

Шербеџија денеска на прес-конференција рече дека „Ослободување на Скопје“ е  една од најубаво напишаните драми во поранешна Југославија,  со која имале  голем успех во сите бивши републики и дека долго сонувал од неа да направи филм. 

- Цело време додека живеев во Америка размислував како да направм филм од таа прекрасна претстава, која имаше толкав голем успех во светот. Тоа е неверојатна приказна за Македонија... дрматична приказна за војната и една невозможна љубов, човечка привлечност, меѓу Македонка и германски офицер. Тоа е она што го препознаваат луѓето, рече Шербеџија, кој сценариото го напишал пред седум години, а идејата почнала да се реализира пред две години кога добил финансии од Агенцијата за филм на РМ и  поддршка и од македонското Министерство за култура. 

Рече дека има разлика меѓу претставата и сценариото, ја проширил приказната меѓу Лица и германскиот офицер и додал многу нови ликови но, рече тој, задржани се силните драмски моменти. 

Шербеџија и ќе игра во филмот (Ѓорѓија), заедно со Силвија Стојановска (Ленче), нивна повторно соработка од 1993 кога заедно играа во „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Главниот лик (Зоран) ќе го игра 10-годишниот Давид Тодосовски. Во екипата се и ќерката и синот на Шербеџија - Луција и Данило - таа во улога на Лица, тој како копродуцент. Најголем број од актерите се македонски, а играат и актери од Хрватска, Финска, Србија и Бугарија. 

Силвија Стојановска рече дека е возбудена зашто ја потсетува на студентските денови и премиерата на претставата во Скопје во режија на Слободан Унковски, по праизведбата во Загреб. - Многу сум среќна затоа што мојот град ќе добие филм со неговото име во насловот. Се надевам дека ќе биде култен филм, рече Стојановска.

Според Луција Шербеџија, денес ретко  има добро напишани женски улоги какви што се комплексни нејзиниот лик (Лица) и ликот на Ленче. Рече дека да работи со татко и е олеснителна околност зашто  е достапен во секое време, но дека е построг кон неа отколку кон другите актери.  И влева доверба тоа што не ја променил првичната идеја таа да биде во улогата на Лица, иако со текот на времето проектот растел копродукциски.  

Дел од авторската екипа и продуцентите од Македонија Роберт Насков и Горјан Тозија соопштија дека  во план е една недела да се снима во Велес и околината, четири недели во Битола и снимањето да заврши на 19 декември во Скопје.

Директор на фотографија е Дејан Димески, дизајнер на продукција Иван Бартлиг и костимограф Жељка Франуловиќ. Музиката е на Влатко Стефановски, кој ја компонирал и за претставата во 1977 и затоа, како што рече, за него задачата е природна ситуација. 

- Со таа претстава бевме во Америка и видовме многу. Со неа се создадени многу пријателства кои траат до денес, како пријателството со Шербеџија и неговите деца Данило и Луција, кои тогаш ги играа улогите на децата. Ќе дадам се од себе да направам музика која ќе ја запаметите, рече Стефановски. 

За овој филм Македонија првпат влегува во копродукција со Финска (контакт остварен преку хрватскиот продуцент Игор Нола), и добил средства од Националната телевизија на Финска и Финскиот филмски фонд.  

Вкупниот буџет за филмот е 2.110.000 евра, од кои 1.250.000 се од Агенцијата за филм на РМ, а  315.000 евра добил од најголемот европски фонд за копродукции Еуримаж кој, како што рече Шербеџија, највисоко го оценил сценариото од сите други на конкурсот. Во буџетот учествува  и Хрватскиот аудиовизуелен центар.

29.10.2014 - 15:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега