Напуштеното бебенце во Гевгелија се смести во својот нов дом
Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Гевгелија со поддршка од локалната самоуправа, денеска организираше пренесување на тримесечно напуштено бебе во Домот за доенчиња во Битола.
Мајката по потекло од Гевгелија, веднаш по породувањето го напуштила новороденчето и го оставила на чување кај баба му која не била во можност да го одгледува, па го пријавила случајот во Центарот за социјални работи.
- Ова не е единствен ваков случај да биде напуштено дете од родителите. За нивно згрижување, како и досега, наидовме на разбирање во Домот за доенчиња во Битола. Благодарение на помошта од општина Гевгелија го организиравме пренесувањето на бебето, рече директорот на Гевгелискиот центар Лазар Трајков.
Тој информира дека бебето е транспортирано со возило од општината во придружба на вработени од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Гевгелија.