Браќата Царнаев планирале уште напади во САД

 

Шефот на полицијата во Бостон Ед Дејвис, во настап на телевизијата Си-Би-Ес, изјави дека по престрелката од петокот меѓу двајцата браќа и полицијата, биле најдени рачно изработени експлозиви и огнено оружје. Тоа дава основ да се претпостави дека осомничените Тамерлан и Џохар Царнаев, имале намера да нападнат уште луѓе.

Од двете бомби, што експлодираа пред финишот на Бостонскиот маратон, загинаа три лица, а над 180 беа ранети.

Гувернерот на Масачусетс Девал Патрик денеска изјави дека има записи од уличните камери, на кои се гледа како Џохар Царнаев го остава ранецот на земја и мирно се оддалечува, пред бомбата да пукне. Тој не реагира по првата експлозија и навреме се оддалечува од ранецот за втората експлозија, рече гувернерот за телевизијата Си-Би-Ес.

Тешко повредениот Џохар Царнаев веќе се разбудил од кома и писмено одговарал на прашањата на иследниците, соопштија телевизиите Еј-Би-Си и Ен-Би-Си, пренесоа светските агенции.

Иследниците детално го распрашуваат Џохар за неговиот 26-годишен брат Тамерлан, кој беше убиен во престрелка со полицијата и за можни нивни соучесници во терористичкиот акт, во кој загинаа три и беа ранети 176 лица.

најчитано сега