Извештајот на ЕК пред собраниската Комисија за култура

Членовите на собраниската Комисија за култура се изненадени од краткиот осврт за напредокот на Република Македонија во областа на културата во Извештајот на Европската комисија за 2014 година.

Поглавјето за култура содржи седум реченици во кои е нотирано дека земјава ја потпишала новата програма за култура на ЕУ „Креативна Европа 2014-2020“, активностите во врска со Љубљанскиот процес, кој се однесува на заштитата на културното наследство, и потпишаниот договор за соработка во културата со Косово. Во Извештајот се забележува и дека треба да се зајакнат кадровските капацитети во секторот за култура.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска сакајќи да ги наведе и другите значајни остварувања во секторот култура кои не се спомнати во Извештајот рече дека Македонија заедно со Хрватска и Словенија е лидер во користењето на средствата за книжевни преводи од завршената програма на ЕУ „Култура 2007-2013“.

- Од овој европски фонд, Република Македонија искористи околу еден милион евра во рамките на сите проекти за културна соработка. Успешноста на оваа програма и поддржаните 58 проекти докажаа дека културниот сектор во нашата земја ги следи европските трендови и поседува капацитет за висококвалитетен концепт кој треба да и се понуди на македонската јавност, рече Канческа-Милевска осврнувајќи се на седумгодишната програма во која Македонија активно учествуваше, а не е спомната во Извештајот на ЕК.

Посочи и дека освен потпишаниот договор со Косово, РМ во областа на културата потпишала 24 договори и спогодби – и со земји од соседството, но и со земји-членки на ЕУ. Некои од нив се нови билатерални договори, а некои се обновени. Пратениците сметаат дека договорите со 24 земји требало да бидат нотирани во извештајот зашто тоа ја покажува отвореноста на РМ за соработка, што се совпаѓа со вмрежување во културата и институциите на што инстистира ЕУ.

Во Извештајот не се споманти ниту проекти кои РМ ги реализира со финансии токму од фондовите на Европската унија, како што се двата ИПА-проекта во кои Министерството за култура е главен корисник - проектот за конзервација и ревитализација на културно-туристичкиот комплекс „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, кој целосно треба да биде реализиран во 2015 година, како и тековните активности на подготовката на ИПА-проектот „Ревитализација и адаптација на Шенѓул (Ѓулшен) амам во културен–инфо центар“ во скопската чаршија. Вредноста на двата проекта надминува 2,6 милиони евра.

Канческа-Милевска наброја и други значајни проекти кои ја докажуваат европската ориентираност на Македонија, а кои недостигаат во извештајот: исчекор во развојот на креативните индустрии – преку организирани работилници, двата објавени конкурса за финансирање проекти од креативните индустрии и досега поддржаните 104 проекти, грижата за културното наследство и регионалните проекти (КУЛТЕМА и ШЕРПЛАН), усогласување со европската легислатива на домашни закони, посебно тие што се однесуваат на авторското право и интелектуалната сопственост, како и во донесувањето на Националната стратегија за развој на културата.

Канческа-Милевска посебно се задржа на новата програма за клтура на ЕУ „Креативна Европа“ со која во наредните седум години македонските културни оператори ќе бидат полноправни корисници. Вкупниот буџет на „Креативна Европа“ за сите држави кориснички изнесува 1.5 милијарди евра за периодот од 2014 до 2020 година. На национално ниво надлежен орган за спроведување на „Креативна Европа“ останува Министерството за култура. На првиот повик за учество во програмата веќе се одобрени девет проекти на културни оператори од РМ.

- Уверена сум дека нашата земја како полноправен корисник на програмата ќе даде свој значителен придонес во унапредувањето на меѓусебната соработка, вмрежувањето и промоцијата на културните институции, културните работници, уметниците, невладините организации и сите оние кои творат на европскиот простор. Програмата ќе има големи придобивки за македонските оператори, таа ќе ја поттикне циркулацијата на уметничките производи, ќе ги зајакне институционалните, финансиските и професионалните капацитети во креативните сектори, истакна Канческа-Милевска.

По нејзиното излагање за активностите во културата, претседателката на Комисијата за култура во Собранието Силвана Бонева и членовите беа едногласни дека културата во РМ не е воопшто третирана во извештајот на ЕК. Затоа предложија дека треба да се укаже во ЕК во иднина извештаите да бидат прецизни и целосни за да ја одрзат реално сликата за напредокот на државата.

Пратеници апелираа и да се зголеми бројот на културни аташеа на Македонија во други држави по примерот на економските промотори и во наредниот период надлежниот орган во Министерството за култура да ја популаризира програмата „Креативна Европа“ за да бидат запознати сите културни институции во земјава и што повеќе да се искористат понудените фондови од ЕУ. 

15.10.2014 - 14:31


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега