Демолирани автобуси и постојка на ЈСП Скопје - еве што се случило

Три автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие и една автобуска постојка се оштетени синоќа околу 23 часот, информира денеска генералниот директор на ЈСП „Скопје“ Мишо Николов.

Тој прецизира дека е оштетен еден зглобен автобус со број 56 во Сарај на кој му се искршени сите прозорци и внатрешниот ентериер, на два двокатни автобусa  во Чаир им се искршени прозорците, а оштетени се и стаклата на автобуската постројка на бул. „Александар Македонски“ во непосредна близина на ОУ „Битолски конгрес“. 

- Прес-конференцијата ја држиме на автобуската постојка која е оштетена каде што се искршени стакла со дебелина од 10 милиметри. Ваквите стакла не може да е искршат без пригоден алат и сметаме дека е тоа намерно направено, рече Николов. 

Прашан дали последното оштетување на имот од ЈСП е резултат на синоќешниот инцидент во Белград на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Албанија, Николов рече дека во интерес на истрагата не сака да прејудицира ништо, но додаде дека во последните три-четири месеци ситуацијата била смирена и воопшто не е регистриран никаков инцидент во автобусите на ЈСП „Скопје“.

15.10.2014 - 13:00


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа