Германец и Македонец “под рака“ носеле азиланти во ЕУ
Министерството за внатрешни работи до ОЈО - за организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицата Р.Д.-Б.(46) од Дизелдорф, Германија како првопријавен и И.О.(52) со место на живеење Битола како второпријавен, поради основано сомнение за извршено кривично дело „злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот договор“ предвидено и казниво по член 418-д став 1 и став 3 од Кривичниот законик на РМ.
Горепријавените беа приведени и изведени пред надлежен истражен судија, кој им изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена.
Имено, завчера (04.06.) во 11.30 часот во ПС за ГП Табановце, на излез од РМ беше задржано првопријавеното лице поради основано сомнение дека истиот организирано превезува лица можни баратели на азил во државите членки на ЕУ, додека второпријавеното лице организирало превоз за едно лице од Битола до Холандија во договор со првопријавениот.
Дента, околу 11.00 часот на излез од РМ се пријавиле 10 лица македонски државјани како пешаци, а по извршена ГП проверка во ОЕ кај УПС се јавило сомнение дека истите се потенцијални баратели на азил во земјите од ЕУ, бидејќи се претставиле како фудбалска екипа.
Од извршениот разговор со лицата констатирано е дека дел од нив имале намера да заминат во Германија, а дел во Холандија со цел да бараат економски азил, а како организатор и превозник кој ќе ги одведе до крајната дестинација за сума од 250 евра по лице го посочиле првопријавениот. Тој, според досега документираните сознанија на 03 овој месец од Битола до Куманово превезол дел од лицата кои ги земал со ПМВ марка “Мерцедес Спринтер“, со германска национална ознака, негова лична сопственост, и истите ги сместил во неговата куќа да преноќат, со цел наредниот ден да ги превезе до државната граница која требало да ја поминат пеш, а тој со ПМВ и нивниот багаж подоцна од српска страна да ги превземе од кадешто требало да го продолжат патувањето до крајната цел.
По добиените сознанија од лицата дека во куќата на првопријавениот се наоѓаат и други лица кои требало да заминат во ЕУ за да бараат азил, со Наредба за претрес во дом, издадена од истражен судија од ОС Куманово, бил извршен претрес и биле пронајдени уште 7 (седум) лица, меѓу кои бил и второпријавениот.
(Интегрален текст од соопштение на МВР)