Нивото на Дунав во Братислава го надмина рекордот од 2002 година

Жителите на Германија, Австрија и Словачка и натаму се соочуваат со опасноста и последиците од водената стихија која изминатите денови поради поројните дождови ја зафатија Централна Европа.

Најсериозна е ситуацијата во германскиот град Дрезден, главен град на покраината Саксонија, близу границата со Чешка, кој од вчера е поплавен од реката Елба.

Нивото на реката, кој обично е два метри, сега изнесува над девет метри. Над 1.000 луѓе се евакуирани.

Драматична е ситуацијата и во околината на Дрезден, каде поради надојдената вода над 11.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

Со надојдените реки се бори и населението во некои делови на Австрија.

Во долината Вахау, по течението на реката Дунав, нивото на водата е 10,78 метри, додека во последните катастрофални поплави во 2002 година изнесуваше 10,9 метри.

Порастот на реката Дунав го загрозува и населението во Словачка, каде нивото на реката кој изнесува 993 сантиметри, со што за два сантиметри го надмина рекордниот водостој од пред 11 години.

Најзагрозено е малото место Девин, кое лежи на устието на реките Дунав и Морава.

Полицијата во словачкиот главен град ги затвори поплавените улици и сообраќајот се одвива со помош на Армијата и товарни возила.

И покрај критичната ситуација, словачката метропола е полна со туристи и една кафеана во центарот на градот е најпосетена со луѓе кои се качуваат на вреќите со песок и директно ја следат надојдената вода.

Во водите на југот на земјата беше најдена и првата жртва на годинашниве поплави во Словачка, но засега нема конкретни информации за кого се работи. 

Реката Дунав не мирува ниту во Будимпешта и унгарските власти се подготвуваат за она што веќе го поминаа нивните соседи.

Во наредните денови, се очекува нивото на реката да достигне 875 сантиметри, односно да се покачи за два метри.

Унгарската метропола веќе ограничи и затвори неколку патни правци во близина на реката.

најчитано сега