Македонски и грчки актери вечерва на иста сцена
Актери на Мал драмски театар-Битола и Театар „Андреас Вуцинас“ од Солун вечер во античкиот театар на Хераклеја Линкестис премиерно ќе ја изведат претставата „Кралот Рес“ од Еврипид, во режија на гостинот од Грција Павлос Данелатос, а за која преводот од грчки на македонски јазик го направи Томислав Османли.
Во пресрет на вечерашната премиера, основачот на Мал драмски театар-Битола Благој Стефановски истакна дека соработката со театарот и факултетот за драмски уметности „Андреас Вуцинас“ од Солун ќе се интезивира бидејќи воспоставени се цврсти и пријателски врски меѓу актерите и водствата на театрите од двете држави.
- Театарот е широка и хомогена слика. Во нашиот театар и во нашите претстави се зборува на македонски, грчки или на бугарски јазик затоа што немаме комплекси. За нас мултикултурата е предност и перспектива, и затоа колку границите се поотворени толку поголеми се перспективите. Овој проект и помага на Битола, на културата, на трговијата и на туризмот, истакна Стефановски.
Соработката меѓу Мал драмски театар-Битола и Театар „Андреас Вуцинас“ од Солун почна со добивањето поддршка за реализација на проектот „Интеракција низ глума - од драма со современа уметност-ИнтерАкт“ од страна на Европската унија а во рамките на ИПА-програмата за погранична соработка.
- Сфативме дека меѓу нас има многу заеднички работи и затоа лесно беше да се воспостави соработка. На вечерашната премиера очекуваме многу публика, а така ќе биде и на есенската премиерата во Грција, истакна Димитрис Мицопулос, претседател на културната асоцијација „Андреас Вуцинас“ од Солун.
„Кралот Рес“ од Еврипид е античка трагедија за последните денови од Тројанската војна. Кореографијата е на Јоана Мицика, композитор на музиката е Оливер Јосифовски, а режисер Павлос Данелатос.
- Со овој заеднички проект исполнети се нашите соништа и визии. Успеавме да направиме еден микс на две култури на интернационално ниво и тоа го остваривме со актерите од Битола и Солун. Трагедијата е едно совршено уметничко дело која надминува се, и не може да се користи за евтини политички идеи. Инсистирав претставата да се изведе во Хераклеја затоа што ваков природен амбинет не може да обезбеди ниту еден друг театар, посочи режисерот Данелатос.
На вечерашната премиера од 21 часот во Хераклеја Линкестис ќе настапат дипломирани и студенти на факултетот за драмски уметности „Андреас Вуцинас“ од Солун и актери од Мал драмски театар-Битола.