Со европски пари се реконструира детската градинка во Русиново

Преку заеднички проект од претпристапните фондови на Европската унија - Програмата за прекугранична соработка, општините Берово од Република Македонија и Гоце Делчев од Република Бугарија обезбедија средства за реконструкција на две детски градинки.

Во беровската општина се реконструира детската градинка „23 Август“ во селото Русиново, а во општината Гоце Делчев детската градинка „Џани Родари“.

Реконструкцијата на детските градинки опфаќа менување на покривите и столаријата и изработка на нова фасада со вградување на тврдо пресуван стирпор во дебелина од 12 сантиметри со цел да се обезбеди подобра енергетска ефикасност.

Реконструкцијата на градинката во Русиново ќе чини 500 илјади евра, а работите ги изведува фирмата „Универзал-градба“ ДООЕЛ од Струмица.

- Со реализација на овој проект се постигаат неколку цели, како што се подигање на свеста кај малите деца и на локалното население за чување на животната средина, развивање на еколошката свест и подобрување на енергетската ефикасност, изјави градоначалникот на Берово, Драги Наџински.

Тој информира дека во рамките на овој проект ќе биде заменет и дотраениот параен котел на Детската градинка во Берово.

03.10.2014 - 10:39

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега