Утре протест по скопските улици - две години од смртта на Мартин Нешкоски
Утре, движењето „Стоп на полициската бруталност“ ќе оддржи протестен марш по скопските улици по повод двегодишнината од смртта на момчето кое беше претепано до смрт од страна на специјалец на МВР, Мартин Нешкоски. Оттаму информираат дека утре во 11 часот ќе бидат запалени свеќи на плоштадот „Македонија“.
Граѓанското движење „Стоп на полициската бруталност“, беше формирано во јуни 2011 година, дента откако Нешкоски беше претепан од припадник на полициските специјалци „тигар“. Момчето беше претепано вечерта на прославата по повод победата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори.
-По две години, веќе се помиривме со нечовечноста на чиновниците на репресивниот систем како Гордана Јанкуловска и Иво Котевски, кои продолжуваат со градењето на нивните професионални и политички кариери без трошка грижа на совест за нивниот обид да ја излажат јавноста, но никогаш нема да се помириме со постоењето на полициски единици кои се неотчетни кон граѓаните и кои се постојана закана за нашата лична безбедност, се вели во соопштението на „Стоп на полициската бруталност“. Оттаму додаваат дека сеуште бараат надворешна контрола над припадниците на МВР, темелна реформа на специјалните единици како и хуманизација на професијата полицаец.
За смртта на Нешкоски, припадникот на специјалната единица „тигри“, штипјанецот Игор Спасов заработи затворска казна од 14 години.
ФОТО: Утрински