РСБСП, авто школите и инструкторите се вклучуваат во кампањата за безбедност во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Здружението на авто-школи и возачи инструктори, како и самите инструктори се вклучуваат во кампањата на Владата за подигнување на јавната свест за безбедност во сообраќајот, „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“.

Секретарот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Љупчо Ставрески, вели дека РСБСП вклучувајќи се во кампањата на Владата, сметал дека е добро и навремено да ги поттикнат авто-школите и да ги повикаат да се вклучат во оваа кампања, а истото тоа го мислеле и самите авто-школи.

-Заеднички оценивме дека е добро да се вклучиме во кампањата и да посветиме поголемо внимание, да ја прошириме оваа кампања, се со цел да бидат повеќе субјекти од безбедноста на сообраќајот вклучени и да имаат што е можно повеќе ефекти од кампањата која што сега за сега има еден силен импулс, голема гласност и една голема поддршка од сите граѓани на Македонија. Авто-школите се место каде кандидатите за возачка дозвола ќе ги научат првите чекори, а еден од ние е да го врзат појасот и да почнат да возат, како и да учат за опасностите од непочитување на правилата и прописите во безбедноста на сообраќајот, затоа што тие опасности значат сообраќајни незгоди, со материјални штети со големи последици и со смртни последици на учесниците во сообраќајот, вели Ставрески.

Претседател на Здружението на авто-школи и возачи инструктори, Апостоловски Јонче вели дека со задоволство ја поддржуваат кампањата која што потекна од Владата на РМ, се вклучуваат во нејзина реализација, да  дадат поттик да успее баш онаму каде што се произведуваат идните возачи.

-Како авто-школи секогаш се трудиме да бидеме за пример на сите учесници на сообраќајот. При едуцурање на кандидатите за возачи секогаш го истакнуваме однесувањето во сообраќајот, да се почитуваат правилата и прописите, меѓутоа со вакви кампањи треба да се поттикне возачот дека добивањето на возачката дозвола не значи сигурност и сигурен учесник на патиштата. Токму ваквите кампањи треба да допрат до совеста на возачите и да продолжат да го почитуваат и применуваат она што го научиле во авто-школите. Од утре сите авто-школи ќе бидат вклучени во поддршка на оваа кампања и сите ќе бидат облечени во маиците кои ја поддржуваат, вели Апостоловски.

Бранко Лазовски, исто така сопственик на авто-школа додава дека оваа кампања ја поддржува максимално, треба да не се застане туку да се оди понатаму, да се едуцира младиот кадар, а и постарите луѓе. Секогаш е потребна дополнителна едукација на сите учесници во сообраќајот, смета тој.

Кампањата која започна пред неколку дена наиде на широка прифатеност. Централна порака на кампањата е „Вози безбедно, вози со појас“ и се однесува на возачите на автомобили, камиони, автобуси, кои процентуално се најголеми учесници во сообраќајот.

17.09.2014 - 11:25


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега