Означен почетокот на академската година на ДУТ

Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми заедно се ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Амети присуствуваа на свеченоста што се одржа во Ректорат на ДУТ со што на симболичен начин беше одбележан почетокот на новата академска 2014/2015 учебна годнина.

За министерот Адеми  квалитетот на образованието во ДУТ и неговото подобрување не е само  законска, туку и национална обврска.

- Од тука треба да произлезат кадри кои ќе бидат конкурентни не само меѓу себе и своите сонародници, туку и со сите граѓани во земјата и во странство. Ние ќе имаме неколку конкретни проекти за ДУТ, за неговиот развој и квалитетно простирање. Во процес сме на изготвување на потребната документација за издигнување на универзитетскиот кампус во Скопје каде ќе изградиме нов објект  за потребите на факултетите на ДУТ во Скопје и за потребите на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците во Македонија, изјави Адеми.

Ќе основаме, нагласи, три нови факултети во рамките на ДУТ, Педагошки факултет, Факултет за земјоделство и Факултет за технологија и геонаука.

- Ќе создадеме правни можности за професори со најдобри светски искуства вработени во светските универзитети да можат да склучуваат работни односи и да предаваат во универзитетот, како и да бидат ментори на студентите во нивните постдипломски  студии. Ќе преведеме 50 научни книги кои се користат во 100 најдобро рангирани универзитети во светот, изјави министерот Адеми.

Ректорот Амети ги посочи резултатите од уписите за новата академска година како уште еден показател дека ДУТ е на добар пат за достигнување на најдобрите светски стандарди во високото образование.

- До денес ние  реализиравме два уписни рока во чии рамки се запишани околу 3.000 нови студенти од вкупно 5.310 студенти колку се предвидува да се запишат на 11 факултети, студиски програми и дисперзирани студии на овој универзитет. Со наредните уписни рокови, веруваме дека ќе можеме да ги оствариме нашите цели за пополнување на сите места објавени во Конкурсот за оваа академска година, рече Амети.

Ова, потенцира, докажува уште еднаш дека нашата визија за образование на новите генерации е многу јасна и гарантира светла перспектива.

- Раководниот кадар на Универзитетот е свесен исто така дека не очекуваат нови задачи во иднина, но ние сме сигурни дека сега со автономијата на Универзитетот, зајакнувањето на духот на професионалната соработка меѓу нас, зачувувањето на академската слобода, унапредувањето на научната и стручната дебата, промовирањето на најуспешните студенти, сите заедно ќе го чуваме и унапредуваме Универзитетот во ниво на современите универзитети во регионот и во светот, рече Амети.

Во рамките на денешната свеченост ректорот Амети на симболичен начин на четворица новозапишани студенти од различни факултети им ги подели индексите на ДУТ.

15.09.2014 - 12:14


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега