Намален интезитетот на дождовите во Чешка
Денеска во Чешка дождовите се очекува да се намалат во деловите кои беа најмногу погодени од поплавите во изминатите денови. Паралелно со тоа се очекува да се намали и опадне нивото на реките. Пораст се очекува единствено во областите кај Меленик во делот каде што реката Влтава се влева во Елба.
Се очекува евакуација на населението во тој дел.
Во центарот на главниот град, каде е затворено метрото и каде реката Влтава достигна проток од 3.210 кубни метри во секунди и не се очекува нивото на реката драстично да се зголемува.
Според метеоролозите, врнежите од дожд би требало да се преселат од централниот во југоисточниот дел на земјата. Во моментов е прогласена вонредна состојба од трет степен на опасност од поплави во над 40 области.
Во отстранувањето и намалувањето на последиците на надојдената вода во целата земја учествуваат 2.300 војници, 350 полицајци, како и 15.000 професионални пожарникари и доброволци.
Во кризните подрачја загинаа седум лица, а над 8.000 луѓе се евакуирани.
Штетите од поплавите се уште не се пресметани, но според осигурителните компании, се очекува неколку десетици илјади клиенти да пријават штета од повеќе милиони евра.