Почина американскиот офицер кој шпионираше за Советскиот сојуз
Поранешниот американски морнарички офицер Џон Вокер, кој 29 години е во затвор за шпионажа во корист на некогашниот Советски Сојуз, почина на 77 годишна возраст.
Затворските власти не ја соопштуваат причината за смртта, освен што е откриено дека Вокер починал во затворската болница.
Во 1985 година Вокер беше осуден на доживотен затвор за предавање на кодирани шифри и други мошне чувствителни податоци од американската воена морнарица на Советскиот Сојуз.
Во својата шпионска работа тој ги анажирал и својот син, како и братот и еден негов пријател. Сите тројца беа осудени за шпионажа заедно со Вокер.
Откривањето на тајните шифри во време на избивањето на оваа шпионска афера беше означено како дотогаш најголемото оддавање на воени тајни во американската историја.
Шпионирањето започнало уште во 1967 година кога Вокер влегол во советската амбасада во Вашингтон и се понудил редовно да им предава на Русите шифрирани супер тајни материјали.
Цели 17 години овој американски офицер и овозможуваше на советската воена морнарица да дешифрираат милиони тајни пораки на американската морнарица.
Во текот на судењето пред 29 години, обвинителот во процесот изјави дека Вокер не почнал да шпионира од идеолошки причини,туку затоа што бил лаком за пари.
Неговиот син беше ослободен во 2000 година откако помина 15 години во затвор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа