850.000 лица раселени поради офанзивата на џихадистите во Северен Ирак
Над 850.000 лица биле принудени да ги напуштат своите домови од почетокот на овој месец поради офанзивата на џихадистите од групата Исламска држава (ИД) во северниот дел на Ирак, соопшти Меѓународната организација за миграција.
Повеќето од овие луѓе, кои морале да се спасуваат од етничките и религиозни чистки на сунитските екстремисти, пронашле засолниште во Ирачки Курдистан и неговите соседни провинции Ниневија и Диала.
Ако се земат предвид и бегалците од борбите во провинцијата Анбар во јануари, бројот на внатрешно раселените во Ирак од почетокот на годинава достигнал 1,6 милиони лица.
- Ваквите загрижувачки бројки сведочат за долгорочна криза, која може да доведе до таму што многу луѓе ќе имаат потреба од хуманитарна помош, изјави координаторот на организацијата за вонредни ситуации во Ирак, Брајан Кели.
Според него, нема слична криза како оваа во Ирак, каде „луѓе кои имале свои домови и семејства и релативно стабилен живот, сега живеат во состојба на голема паника и неизвесност за својата иднина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа