Нацрт амандманите на Уставот пред пратениците
Собранието на Република Македонија денеска ќе ја оддржи 12 тата седница на чиј дневен ред е Утврдување на Нацртот на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI, XXXVII, XXXVIII и XXXIX на Уставот на РМ.
Со нацрт - амандманите се регулира бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена, но и вонбрачната заедница. Во однос на Судскиот совет, се предлага десет од неговите членови да се избираат од редот на судиите, тројца на предлог на Собранието, а двајца на предлог на претседателот на државата. Во нацрт-амандманот се предлага членовите на Судскиот совет да немаат право на реизбор.
Ќе се менува името на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија со еден од амандманите. Во однос на Државниот завод за ревизија, со нацрт-амандманот се предлага тој да биде независен државен орган, а оти неговиот прв човек го избира Собранието. Петтиот нацрт-амандман се однесува на формирање на финансиска зона, а со шестиот Владата ја регулира финансиската политика и одредува дека дефицитот не може да изнесува над три отсто од БДП и јавниот долг да изнесува до 60 отсто од БДП.
Последниот амандман се однесува на надлежноста на Уставниот суд, односно дека Судот ќе може да одлучува по уставната жалба за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Во рамки на оваа седница пратениците ќе расправаат и за дополнетите предлог закони за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, за дополнување на Законот за високото образование, за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште, за основање Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. На дневен ред се е Предлогот на закон за изменување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем, сите во второ читање и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и малолетничкото престапништво во 2013 година.
На седницата, меѓудругото, ќе се расправа и за предлог законите за ратификација на Протоколот кој се однесува на дефиниција на поимот „производи со потекло“ и методи на административна соработка кон Договорот за изменување и пристапување кон Централно-европскиот Договор за слободна трговија, на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за размена и заемна заштита на класифицирани информации, на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Индија за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија по однос на даноците на доход, Предлогот на закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство..
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа