Кому му пречи решавање на црковниот проблем во Австралија?
Намерно создаден проблем кој има своја цел, а тоа е усложнување и дополнително комплицирање на состојбите, наместо конечно решение на десенискиот црковен спор на австралискиот континент.
Вака новинарите кои со години ги следат црковните случувања го оценуваат потегот на Владиката г. Петар да го екскомуницира претседателот на македонските црковни заедници, Игор Аврамовски Александров.
Горан Трпеновски, Уредник во Вест, Бранко Ѓоргевски, Уредник во Дневник и Марјан Николовски, Уредник во ТВ Сител, сите тројца одлични познавачи на црковните прашања, сметаат дека во основата на овој најнов произведен проблем е неподготвеноста на владиката г. Петар да се дојде до конечно решение на проблемот во Австралија.
- Очигледно е дека владиката Петар имаше потреба токму во овој момент да се случи екскомуникацијата на Игор Александров од страна на епархискиот црковен суд. Да беше поинаку, тоа ќе го направеше во некоја од изминативе две децении колку што се таложат проблемите во македонските црковно-народни општини во Австралија. Истите аргументи кои сега се потегнуваат можеа да се употребат многупати досега, вели за Прес24, Бранко Ѓоргевски.
Марјан Николовски, пак, потенцира дека ова е последен обид на Владиката г.Петар да спречи решение на деценискиот спор во Австралија, анализирајќи ги мотивите од два аспекта.
-Првиот аспект е моментот на суета, затоа што решението на проблемот кон кое сигурно се движеа Владиката г. Тимотеј, надлежен администратор за дел од епархијата во Австралија и Игор Аврамовски Александров, ќе ја покажеше слабоста на Г. Петар и неговото немање капацитет да ги менаџира работите изминативе 15 и повеќе години во Австралија. Ако се регистрира епархија на МПЦ во Австралија, како правен субјект кој ќе функционира од една страна под сите устројства на МПЦ и од друга страна под сите законски прописи на Австралија, тогаш Владиката Петар ќе биде најголемиот губитник, а Тимотеј ќе влезе во историјата на МПЦ како еден од Владиците кои затвориле едно крупно прашање. Тоа е суетниот аспект, за кој јас лично милам дека не е главниот мотив. Според мене главниот мотив е друг. Лоциран и инициран од други причини. За жал црковниот спор во Австралија се претвори во класична поделба на македонскката заедница во Австралија. И од црковен стана проблем на заедницата. Мене оваа одлука ми личи на нечие одработување. Јас само поставувам прашање, кому и за чии интереси му е потребна поделба на македонската заедница во Австралија, ако се знае дека таа е една од најмоќните и финансиски, но и по бројност во македонската дијаспора?, прашува Марјан Никловски – уредник во ТВ. Сител.
И Горан Трпеновски, уредник на Вест смета дека во позадина се личните интереси на владиката Петар.
-Владиката Петар се меша во туѓи ингеренции. Сега надлежен за Австралија е Владиката Тимотеј. Екскомуницирањето на Игор Автрамовски Александров од страна на владиката Петар покажува дека ако се реши долгогодишниот спор некој ќе изгуби големо влијание и многу пари во Австралија. Се се врти околу парите, вели Трпеновски од Вест.
- Вистинските причини зошто Владиката Петар посегнал по една вкава мерка треба да се бараат во прашањето какви се последици можат да произлезат по тамошните состојби во случај на екскомуникацијата на Игор Александров. Знаејќи ги правните правила во Австралија мислам дека во таква ситуација на Аелксандров ќе му биде оневозможено да се јавува како правна страна во сите правни спорови. На сцена имаме една комбинација на лична одмазда и на водење на правна битка која за владиката Петар очигледно не завршила со неговиот предлог за поделба на епархијата во Австралија на два дела, вели Ѓоргевски за Прес24.
За сите тројца нема дилеми дека Владиката Петар се меша во туѓи ингеренции, а неговите обиди во јавноста да го претстави г. Тимотеј како ненадлежен и невалиден владика за Австралија се смешни и тие се само обид да се најде некакво алиби за овој скандалозен потег на г. Петар.
-Овој потег беше непотребен и мислам дека ќе ја усложни состојбата. Прво беше непотребен заради тоа што состојбите таму одеа на линија на постигнување на компромис со поделба на две епархии, а што беше предлог токму на владиката Петар. Јас бев навистина изненаден кога тој го предложи то, но мислев дека тоа ќе биде начин за ублажување на проблемите. Кон таа цел одеа и одлуките на Синодот и поставувањето на владикаат Тимотеј за администратор на новата епархија. Од тој момент владиката Петар го загуби правото да изрекува какви и да е мерки против тамошните општини или поединци. Заради тоа сегашната пресуда на црковниот суд е правно неиздржана од аспект на црковниот правен систем, вели Ѓоргевски.
-Владиката г. Тимотеј не само што е легален, туку е и легитимен администратор на дел од епархијата во Австралија. Тоа што црковно народен собор не ја потврдил одлуката за формална поделба на епархијата, според уставот на МПЦ не значи дека таа одлука е невалидна. Владиката Петар , многу добро знае дека според уставот на МПЦ, Синодот во полн состав е највисокото одлучувачко тело. МПЦ е синодална црква, а црковно народните собори во Македонија имале повеќе формален и свечен карактер. Особено што поделбата на епархијата беше по предлог на г. Петар и тој лично учествуваше и гласаше за тоа на Синодот. Така што сега некого да обвинува дека е застапник на раскол е повеќе од смешно. Проблемот е што Г.Петар е креаторот на расколот во Асвстралија и не може да биде проблем г. Тимотеј кој е лекувачот на расколот. Како што вели црквата, „блажени се оние кои созадаваат мир”, а лечењето на расколот е создавање на мир, вели Николовски за Прес24.
И Николовски и Ѓоргевски и Трпеновски сметаат дека последнот збор треба да го има Синодот на МПЦ, но овој пат во насока на наоѓање на конечно решение за проблемот во Австралија.
-Сега на потег е Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, кој треба да пресече дали ќе му дозволи на Петар воден од личната нетроеливост кон Александров и анимозитет кон црковните општини што не се под негова контрола, да оди против црковниот договор за решавање на проблемот, или ќе го смири Петар и ќе му дозволи на Тимотеј да проба да ги врати црковните општини под капата на МПЦ-ОА, вели Трпеновски за Прес24.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа