Црвенковски им кажа „збогум“ на сопартијците: Само Господ знае колку сакав да ве донесам на власт
-Убеден сум дека моето враќање не беше грешка иако многумина тоа го коментираа. Тоа беше моја судбина. Ако се направи ДНК за татковството на политичката партија, тогаш во СДСМ е доминантен генот на Бранко, БЦ, папата, брадата….Се вратив да ги спојам различните крила, да ги исчистам вирусите, да направам еден организам. Апелирам до новото раководство на СДСМ првиот чекор да е другарството. Ако тоа не се направи, се е џабе, истакнал Црвенковски, пренесува Бриф.
Црвенковски денеска пред сопартијците истакнал дека ја презема одговорноста за сите порази кои СДСМ ги доживеа на изборите.
Инаку откако Црвенковски одбил да поднесе нова кандидатура, членот на иницијативниот одбор што бараше Бранко Црвенковски да остане лидер на СДСМ, Наум Буревски, го напуштил Конгресот. Буревски, истакнал дека 30 илјади членови бараат Црвенковски да остане лидер на СДСМ и дека нема да поддржат друг кандидат.
Пред делегатите се обратија и тројцата кандидати за нов лидер на партијата - Зоран Заев, Зоран Јовановски и Кире Наумов. Заев изјавил дека ако победи на денешниот Конгрес, ќе го врати победничкиот менаталитет и ќе ја направи СДСМ победничка партија.