Анкета „Таен клиент“: Охрид и Кавадарци најдобри - Тетово и Гостивар со најслаби резултати
Подрачните единици на Агенцијата за катастар во Охрид и Кавадарци дадоа најдобри резултати, додека најслаби резултати имаат одделенијата во Тетово, Гостивар и Крива Паланка, покажа анкетата „Таен клиент“, која ја спроведе Министерството за информатичко општество и администрација. За ова денеска информираше министерот Иво Ивановски, кој истакна дека одделенијата кои ја рушат целокупната слика на Катастарот, ќе бидат дирекно под нивни надзор.
Бавноста на изработување на предметите и нељубезноста од страна на шалтерските работници кон странките се главните недостатоци кои се лоцирани во Тетово, Гостивар и Крива Планка. Најдолго за решавање на предмети се чекало во Тетово, а најкратко во Охрид- од 5 до 15 минути.
Иваноски, кој вчера ги соопшти резултатите од задоволството на граѓаните за услужноста на администрацијата во 11 државни институции, од денеска почна да ги посетува тие што покажале слаби резултати. Со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности разговараше како тие да се надминат. Истакна дека ќе испрати инспектори во одделенијата на Катастарот во тие три општини кои често ги одвраќаат клиентите од своите шалтери во други институции и напомна дека за непочитување на Законот за размена на документи по службена должност се казнува и вработениот и раководителот и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, со 3.000, 6.000 односно 15.000 евра. Ги повика граѓаните кои ќе наидат на таков проблем да се обратат во МИОА или во Државниот управен инспекторат.
- Генерално, Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија има опаѓање во споредба со минатата година и тоа се должи на неколку одделенија за кои просекот е под нивото на задоволителен и поради тој просек ја нарушува целата слика на функционирањето на Агенцијата, рече Иваноски.
Трпевски рече дека катастарските одделенија со најлоши резултати - Тетово, Гостивар и Крива Паланка го нарушуваат имиџот на целата Агенција и дека тој лично ќе ги контролира.
- Овие одделенија ќе бидат под посебна контрола и грижа лично од мене. Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија во изминатиот период направи многу реформи, многу од нив се во тек но, очигледно, не се доволни и како Агенција ќе преземеме дополнителни реформи се со цел сликата што ја имаме во моментов значително да ја подобриме, рече Трпевски.
Според оценката на тајните клиенти, во некои одделенија не било одговарано на телефонски повици, па затоа е договорено да се воведе централна линија која ќе ги прифаќа повиците на кои не им се одговара и по неколку ѕвонења.
Министерот Иваноски најави дека во наредните денови ќе продолжи да посетува и други државни институции кои покажале слаби резултати на анкетата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа