СДСМ денеска ја крои својата судбина - кој ќе седне во фотелјата на Црвенковски?

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска во Скопје го одржува редовниот 14. конгрес на кој треба да биде избран претседател на партијата, централен и надзорен одбор.

Зоран Јовановски, Зоран Заев и Кире Наумов денеска ќе се борат за фотелјата на Бранко Црвенковски.  Игор Ивановски вчера се откажа од кандидатурата. 

Од СДСМ објаснуваат дека делегатите имаат право да предложат и други кандидати на самиот ден на одржување на конгресот или, пак, некој од веќе кандидираните да се откаже од трката за лидер на опозициската партија. Секој кандидати за лидер на партијата ќе има можност за петнаесетминутно обраќање пред 705-те делегати и претставување на својата програма. За избран ќе се смета кандидатот што ќе добие над 50 отсто од гласовите под услов да се изјасниле најмалку една третина од вкупниот број на делегати. Гласањето на делегатите ќе биде тајно.

Почетокот на конгресот ќе биде отворен за јавноста, додека останатиот дел до прогласувањето на претседателот и членовите на централниот и надзорниот одбор ќе биде затворен.

СДСМ е формирана на 21 април 1991 година. Во изминатите години претседател на партијата со најдолг стаж е Бранко Црвенковски, кој се уште ја води СДСМ. Претседатели на партијата беа и Владо Бучковски и Радмила Шекеринска.

најчитано сега