Кои работни места се нудат најмногу во Македонија?
Програмерите, инженерите, градежните работници, фармацевтите најбрзо наоѓаат работа на берзата на труд како најбарани профили на работници во моментов. Сѐ побарани се и стручните работници, работниците во производството, шивачите… а професијата продавач веќе подолго време е меѓу врвот на листата најбарани професии на берзата на труд во земјава.
Околу 5.000 работни места константно се отворени на пазарот на труд во Македонија. Компаниите кои вработуваат бараат кадри од секаков вид, стручни работници, но и високо образовани професионалци.
Техничко- технолошкиот напредок, економскиот раст и развој на компаниите, како и се поголемото присуство на странските компании во Македонија ја менуваат структурата на барањата за посебни знаења и вештини кои ги претпочитаат работодавачите на берзата на труд во моментов.
Програмерите и инженерите на цена!
ИТ професионалците, инженерите и кадрите од техничко- технолошките струки веќе подолг период се на цена на пазарот на труд, а истражувањата на АВРМ покажуваат дека и понатаму овие професии ќе бидат најбарани. Поконкретно, во иднина се почесто ќе се бараат професиите програмер, информатичар, градежен инженер, архитект, архитект- проектант, машински инженер, инженер технолог, фармацевтски технолог, електроинженер…
Од профилите со средно образование најбарани се комерцијалистите, градежните техничари, операторите на медицинска опрема, текстилните техничари, шивачите, шивачите на текстил, кројачите, продавачите, браварите, столарите, заварувачите, армирачите, лимарите, градежните работници … Во иднина пак, ќе се бараат работници за производствена линија, работници за едноставни работи во производство на текстил, дистрибутери и слично.
Ваквата состојба на сѐ поголема побарувачка на стручниот и технички кадар е последица на се поголемиот број на странски инвеститори во Македонија, потврдуваат аналитичарите на пазарот на труд.
Најмногу слободни работни места за продавачите
Со 452 слободни работни места професијата продавач во моментов котира на врвот на листата на најбарани занимања според податоците на АВРМ. Сѐ повеќе се бараат работници за производствена линија, работници за едноставни работи во производство на текстил, дистрибутери и слично.
Целата анализа на Лидер, прочитајте ја ТУКА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа